Помеѓу Бугарија и Северна Македонија постои механизам за намалување на тензиите и за идентификување на говорот на омраза. Овој механизам е јасно наведен во протоколот меѓу двете министерства за надворешни работи од минатата година, но не се спроведува. Ваквиот став во интервју за „БНР“ го искажа Весела Чернева од Европскиот совет за надворешна политика и поранешна советничка на поранешниот премиер на Бугарија, Кирил Петков за надворешна политика.
„Не можеме да кажеме дека нема доволно алатки“, оценува Чернева.
Таа додава дека кога има такво зголемување на тензиите, тоа дополнително им го отежнува животот на Бугарите во Македонија.
„Видовме како бугарски европратеник му се заканува на македонскиот претседател со атентат. Ваквите закани не треба да бидат ниту дел од билатералните односи. Одржувањето на добар тон и пристојност ќе им помогне на Бугарите кои живеат во Северна Македонија многу повеќе од овој прилично неодговорен пристап“, вели Чернева.
Повикувањето на бугарскиот амбасадор од Скопје, Чернева го оцени како „непримерен гест“ бидејќи, според нејзините зборови, „вакви гестови се прават во исклучителни ситуации“.
„Оваа ситуација почнува да ми изгледа како намерна. Траекторијата на билатералните односи, која оди надолу, е многу лесна. Напорната работа е спротивна – да се создаде средина во која такви работи нема да се случуваат“, коментира Чернева.
По толку години непријателство, работите не можат да се остават сами од себе, изјави таа и прецизира дека во овој момент нема претставки од Бугарите од Северна Македонија до Европскиот суд за човекови права.
„Овој тип на ескалација секогаш се појавува кога мириса на избори“, нагласила Чернева. Според неа, од двете страни на границата има партии кои ја користат тензијата за да го подигнат својот политички рејтинг.