Чешката влада започнува постепено нормализирање на животот следната недела и планира повторно да ги отвори продавниците, услужните дејности и рестораните низ целата земја во пет чекори.
Некои индустриски погони во Чешка веќе започнаа со производство, како што се фабриките за автомобили и фабриките за гуми, но генералниот проект за ревитализација срамежливо започнува во понеделник, 20 април, со отворање на земјоделските пазари, занаетчиските работилници, како и спортските сали и стадиони, кои, во почеток, ќе бидат користени само од професионалните спортисти.
Од понеделник, во Чешка ќе може да се остварат и свадбените прослави, кои нема да соберат повеќе од десет лица (младенци, кумови и родители).
Втората фаза на нормализација е закажана седум дена подоцна, почнувајќи од 27 април, кога ќе се отворат сите продавници до 200 метри квадратни, но не и оние во големите трговски центри.
Трета фаза е предвидена за 11 мај, а ќе отворат продавниците со 1.000 квадратни метри, а започнат со работа и авто-школите. Фитнес центрите ќе можат да започнат со работа од истиот датум, но без употреба на шкафчиња и тушеви: кој ќе сака да вежба, ќе мора да се избања дома.
Од 25 мај, повеќето од преостанатите продавници и услуги ќе бидат отворени, како и отворените простори на сите кафулиња, пабови и ресторани. Од овој ден, нормализирана е работата на чешките бербери, фризерски салони, работилници за педикир, салони за масажа, музеи, галерии и зоолошки градини.
Амбициозниот чешки план го предвидува 8-ми јуни како ден за целосно враќање во нормалниот живот.
Според чешкиот министер за здравство Адам Војтех, овој план за постепено отстранување на епидемиолошките мерки не значи дека граѓаните нема да имаат обврска да носат маски за лице: им се препорачува да продолжат да користат секаде каде што е потребно.
Чесите во март беа многу брзи, воведоа остри мерки за спречување на епидемијата на коронавирус, а до денес имаат нешто повеќе од шест илјади заразени и 161 смртни случаи. Во последните десетина дена, бројот на нови пациенти опадна под 300 лица на ден, капацитетот на здравствениот систем не е компромитиран, а земјата се приклучува на групата на европски земји кои претпазливо попуштаат на епидемиолошките мерки.
Интересно е што планот предвидува и делумно отворање на училиштата за целите на дипломирање и запишување, но наставата веројатно нема да продолжи пред септември. Надворешните граници на Чешка, исто така, ќе останат затворени до јуни, освен оние што патуваат од деловни, медицински и семејни причини, но ќе треба да бидат во карантин 14 дена по нивното враќање.