Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска им се заблагодари на скопјани за довербата која ја доби.
-За Скопје и Македонија помина уште една година со сериозни предизвици, како резултат на здравствената, енергетската и економската криза. Нашето Скопје мора да биде модерен европски град, метропола каква што граѓаните заслужуваат. Вo Новата година не очекуваат навистина позитивни промени, вели Арсовска во честитката за Нова година.
Арсовска потенцира дека градот почнал да го „реализира ветеното во програмата, домаќински, без ниту еден денар на граѓаните да биде потрошен на непродуктивни трошоци“.
-За само 50 дена покажавме дека со малку средства и многу труд, со желба и посветеност можеме да направиме сериозни резултати кои значително го подобруваат животот на скопјани. Исчистени се преку 120 диви депонии, барањата на пожарникарите конечно влегуваат во колективен договор, пуштена е во функција жичарата на Водно, воведовме ноќни автобуски линии, градот станува транспарентен и за прв пат седниците на советот на Градот се пренесуваат во живо, поставуваме и пристапни рампи за лицата со попреченост во сите градски институции. Во новата година ќе продолжиме да работиме како што започнавме, енергично, чесно и посветено за програмата и проектите да станат реалност.
Дозволете ми искрено и од срце да ви ја честитам 2022 година и да ви посакам спокој, здравје и среќа во годината која што е пред нас, стои во честитката на градоначалничката.