Денес по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик би сакал да истакнам дека јазикот на еден народ е неговото најголемо и најсилно обележје што го прави посебен во ризницата на народи во светот. Македонскиот јазик за Македонците, како и останатите мајчини јазици на етничките заедници што живеат во Македонија, се нашето богатство, со што особено се гордееме. Токму тој факт што се гордееме со тоа наше богатство ни создава обврска истото да го чуваме и да го негуваме, наведе претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Чувајќи го мајчиниот јазик, се чуваат културата, фолклорот, историјата и идентитетот. Затоа ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе работиме на силно промовирање на македонскиот јазик како официјален јазик на државата и секако како мајчин јазик на Македонците, но во исто време и подеднакво ќе ги почитуваме и јазиците на останатите делови од народи што живеат во Македонија.
Мајчиниот јазик на еден човек е во исто време заветот што го наследил од своите претходници и аманетот што го остава на идните поколенија.
Големиот Блаже Конески ќе рече: Јазикот е единствената наша татковина. Сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште.
Оваа негова мисла не е само најдобар опис за мајчиниот македонски јазик и за неговото значење за Македонецот, туку преведена и приспособена може да биде најдобар опис за значењето на мајчиниот јазик за секој човек на планетата земја и одраз за неговиот идентитет“, истакна Мицкоски.