„Ви го честитам 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, кога гордо се потсетуваме на грандиозната историска улога на македонската револуционерна организација, врз чиј дух и дело почива македонската државност“, стои во Честитка од претседателката Гордaна Сиљановска-Давкова по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.
„Многупати сум потсетила дека животот во слобода, мир и демократија во своја национална држава не ни е подарен, туку е извојуван и изборен од нашите предци, македонските револуционери. Не случајно Републиката, во Член 36 на Уставот им гарантира посебни права на оние кои се бореле за самобитноста на македонскиот народ и неговата државност во национално-ослободителните војни за Македонија.
Затоа, денешниот голем празник е можност да се потсетиме на хероите кои ги дадоа своите животи за слободна, независна, но и за социјална, солидарна и демократска македонска држава. Нивните идеали беа сржта на најнапредните идеи од крајот на 19. век, од нив извираат и врз нив се темелат европските вредности, вградени во конститутивните документи на ЕУ, на коишто постојано повикувам.
Чествувањето на 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба е потсетување на нашата обврска да го негуваме и продолжиме светото револуционерно дело преку грижата и заштитата на вечните хумани принципи.
Кон нив, но и кон нашите наследници имаме обврска чесно, одговорно и посветено, да го продолжиме нивниот револуционерен пат, не со оружје, туку со револуционерен ум, револуционерно знаење и со револуционерни реформи.
Ние немаме друга татковина, освен нивната, онаа на македонските револуционери. Должни сме да ја сочуваме и политички да ја вградиме таму каде што географски, историски и културно отсекогаш припаѓа – во Европа.
Да продолжиме да си ја сакаме, развиваме и чуваме, но и да си ги почитуваме и негуваме темелите врз кои е изградена – правото, правдата, етиката, солидарноста и рамноправноста“, стои во соопштението.