„Овој ден е силен потсетник за трајната вредност на нивната мисија – вредност чии корени лежат длабоко во културата, знаењето и духовната сплотеност. Светите Кирил и Методиј ни ја подарија не само глаголицата, туку со неа изградија силен сесловенски културен и цивилизациски темел што продолжува да го потпира нашиот идентитет и до ден денес. Преку нивната посветеност и визија, го отворија патот кон писменоста и учењето на сопствен јазик – дар што омоќни многу генерации и го зачува нашиот глас низ вековите“, вели претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод празникот.
„Да го чествуваме и чуваме нивниот спомен преку негувањето на вредностите коишто тие ги отелотворија: мудрост, вера, образование и обединетост. Славејќи ги нивните дела, да ја зацврснеме нашата заложба за градење на општество засновано врз знаење, меѓусебно почитување и достоинство.
Нека овој ден нè поттикне и понатаму да се гордееме со нашето културно и духовно наследство, да го чуваме, збогатиме и да им го предадеме на идните генерации изворот на знаењето што ни го дале нам нашите предци, а ним Светите Кирил и Методиј – секогаш чист, секогаш постојан, вечно жив!“, додава таа.