Четири експлозии одекнаа ширум Шведска во период од еден час

од Stefanija Kuzmanovska
441 прегледи

Ширум Шведска во рок од еден час одекнале четири експлозии, а на терен биле повикани пиротехничари, соопшти полицијата. Земјата во моментов се бори со зголемување на насилството поврзано со банди. Полицијата во Гетеборг добила извештаи за првите две експлозии на различни адреси, со разлика од 10 минути, нешто по еден часот по полноќ.

„Двете локации се опколени и во тек е техничка истрага“, соопшти полицијата, додавајќи дека на местото на настанот бил повикан националниот оддел за бомби.

Нема извештаи за повредени, само материјална штета, соопшти полицијата.

Сите експлозии во станбени згради

Еден час подоцна, за неколку минути беа пријавени уште две експлозии, едната во Норсборг, предградие јужно од Стокхолм, а другата во Никопинг, околу 100 километри јужно од главниот град.

Полицијата соопшти дека во двата случаја нема повредени. Сите четири експлозии биле во станбени згради.

Шведска се бореше во последниве години да го спречи порастот на престрелки и бомбашки напади додека бандите, поттикнати од трговијата со дрога, се пресметуваат. Полицијата во Гетеборг изјави за АФП дека е премногу рано да се шпекулира за мотивите зад двете експлозии во градот.

Во 2022 година, според полициските податоци, во Шведска се регистрирани 90 експлозии и 101 случај на обиди за бомбашки напади или подготовки за бомбашки напади. До 15 август годинава се регистрирани 109 експлозии.

Слични содржини