Четворица осомничени за трговија со дрога во Валандовско, обвинителството бара притвор

Основното јавно обвинителство во Гевгелија отвори истражна постапка против четири лица осомничени за нелегална трговија со наркотична дрога на подрачјето на Валандовско.

од desk4
11 прегледи Фото: МВР

Како што соопштија од Обвинителството, еден од осомничените во период од октомври 2025 до 23 јануари 2026 година, во угостителски објект во селото Јосифово, неовластено поседувал дрога со цел понатамошна продажба. При полициски претрес биле пронајдени над 900 грама наркотични супстанции, меѓу кои марихуана, хашиш и нивна мешавина, скриени во пластична кофа под работна маса. Во објектот била пронајдена и вага со траги од дрога.

Обвинителството наведува дека постои основано сомнение оти осомничениот го сторил кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, согласно Кривичниот законик.

Истражната постапка опфаќа уште три лица, за кои се сомнева дека биле дел од ланец за препродажба на марихуана. Според наводите, на 21 јануари едно лице продало речиси 680 грама марихуана на друг осомничен, кој дрогата ја чувал во помошен објект. Подоцна, дрогата била пренесена во селото Пирава, каде требало да биде препакувана и дистрибуирана до крајни корисници.

При извршените претреси, полицијата пронашла дополнителна количина марихуана, семки од канабис и уште една вага со остатоци од наркотична дрога.

Со цел обезбедување на истрагата и спречување на можноста за повторување на делото, јавниот обвинител до Основниот суд во Гевгелија доставил предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени.