Гостилница во скопската населба Влае е времено затворена по добиената информација од Центарот за јавно здравје дека четири лица се примени на Клиникатата за инфективни болести со симптоми на труење со храна, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
За лабораториско испитување, земени се брисеви од работните површини и примероци од целата инкриминирана храна што ја консумирале лицата.
На операторот со храна наредени му се превентивни мерки за чистење и вршење на вонредни санитарни прегледи на вработените лица.
-Од страна на инспекциските служби, гостилницата е времено затворена до добивање на резултатите од земените примероци за лабораториско тестирање, наведува АХВ.
Агенцијата воедно апелира, во услови на високи температури и поголеми ризици од труење со храна, операторите да бидат одговорни и да се придржуваат до HACCP принципите за безбедност и правилата за добра производствена и хигиенска пракса.
Потрошувачите, пак, според АХВ, треба да бидат одговорни, да водат сметка и храна да набавуваат од регистрирани оператори, односно да пазарат на начин и во време кога нема опасност да предизвикаат нејзина контаминација поради високите температури.
Бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22 на Агенцијата за храна и ветеринарство останува отворена за пријавување сомнеж во однос на безбедноста на храната.