Четврти ден од потрагата по исчезнатото девојче: Мајката на Данка доведена в полиција, татко ѝ го поминал полиграфот

До расчистување на сите околности и додека не се дознае судбината на Данка, нејзините родители ќе бидат сослушувани за различните околности и  за сите информации добиени при потрагата.

од Бети Божиноска
582 прегледи

Ивана Илиќ, мајката на девојчето Данка Илиќ е донесена во полициска станица за да даде изјава во врска со новите информации за исчезнувањето на нејзината ќерка, дознава Nova.rs.

Според неофицијални информации, Ивана била донесена на разговор во врска со информациите до кои МУП дошол преку оперативно работење, но и во врска со информациите што полицијата ги добила преку српската верзија на системот „Амбер аларт“ за исчезнатото девојче.

Како што велат извори од полицијата, мајката на Данка последна го видела девојчето и затоа е важно истражителите да ја анализираат со неа секоја нова информација што ќе им стигне.

„Ивана Илиќ вчера беше во полиција како и сите претходни денови откако беше пријавено исчезнувањето на девојчето. Таа синоќа се вратила дома, но од утрово повторно е во полиција. Многу информации пристигнуваат од минута во минута, пред се преку системот „Најди ме“ на кој се јавуваат граѓаните. Ниту една од тие информации не се отфрла, секоја се проверува и детално се испитува, а пред се е неопходно постојано присуство на мајката,“ открива соговорникот на српски „Курир“.

До расчистување на сите околности и додека не се дознае судбината на Данка, нејзините родители ќе бидат сослушувани за различните околности и  за сите информации добиени при потрагата.

Инаку, мајката на Данка, како што се дознава, е во 5-ти месец од бременоста и затоа не може да биде подложена на полиграфски преглед, а таткото на исчезнатото двегодишно девојче го поминал полиграфот, дознава „Новости“.

Во меѓувреме, две специјалистички тима од Белград и Нови Сад за спасување од урнатини, од Одделението за вонредни состојби на МВР, синоќа пристигнале во Бањско Поље кај Бор и рано утринава започнале детално пребарување на просторот околу куќата од пред која во вторникот исчезна двегодишната Данка.

Екипите ги сочинуваат 18 пожарникари-спасувачи со 5 теренски возила и едно куче спасител, соопшти денеска српското МВР. „Новости“ пренесува и дека полицијата во моментов ги претресува околните куќи во непосредна близина на местото каде исчезна Данка.

Полицијата во текот на ноќта дежурала и во куќата каде исчезнала девојчето.

Слични содржини