Потрагата по исчезнатата 14-годишна Вања Ѓорчевска влегува во четвртиот ден. Како што вчера информираа од МВР, распишана е меѓународна потерница од страна на Интерпол.
Како што соопштија од МВР, интензивно се работи на пронаоѓање на девојчето. Се проверуваат сите блиски и далечни контакти, како и сите електронски уреди за да се пронајдат какви било информации кои би можеле да доведат до исчезнатото девојче.
„Формиран е посебен штаб во Скопје. Целосно сме посветени да го најдеме девојчето. Во постојан контакт сме и со семејството. Беа водени низа разговори со блиски луѓе и со луѓе со кои мислиме дека била во контакт. Се проверуваат информации, видео материјали и се преземаат мерки за расветлување на случајот“, изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
Податоците за исчезнатото девојче се ставени и на Стоп-листа на граничните премини, како и на веб-страницата „Najdime.org.mk“.
Исто така, по скопските улици беа залепени летоци со ликот на Вања.
МВР ги демантираше вчерашните шпекулации објавени во дел од медиумите дека девојчето било пронајдено во соседна држава.
Ѓорчевска исчезна во понеделникот утрото во Скопје, на пат кон училиштето Песталоци во близина на Дебар Маало. Последен пат била забележана на булеварот Партизански одреди пред „Броз кафе“, од каде што ѝ се губи трагата.
-Девојчето е високо 175 сантиметри, тешко 58 килограми. Има темнокафеава коса, кафеави очи, носи протези на горните и долните заби, има бенка на десна страна од лицето. Пред исчезнувањето била облечена во син блузон, црна јакна, црни фармерки со странични џебови, бели патики со кафеави линии. Со себе носела школски ранец и мобилен телефон ’ајфон‘“, објави МВР.