На Клиниката за токсикологија се хоспитализирани 18 пациенти, од кои четворица поради влошена состојба се префрлени на КАРИЛ. Од нив, тројца ќе бидат транспортирани во странство – еден во Словенија, а двајца во Полска, изјави доктор Чибишев.
Од останатите 13 пациенти, четворица не се стабилни, додека другите се во подобра здравствена состојба. Според Чибишев, кај овие пациенти се работи за изгореници на горните дишни патишта и акутно труење со јаглерод моноксид, а во наредните денови се очекуваат можни компликации.
Тој додаде дека на Токсикологија пристигнуваат и пациенти кои немаат посериозни последици од пожарот. Тие се подложени на испитувања, при што кај дел од нив не се констатирани потешки компликации. Сепак, предупреди дека труењето со отровни гасови може да предизвика доцнечки компликации и апелираше сите кои биле изложени на чад во дискотеката Пулс во рок од 10 дена да се јават на лекар за дополнителни прегледи.