Д-р Андон Чибишев изрази жалење што повторно мора да предупредува на опасностите при учество во гаснење на пожари. Тој посочи дека граѓаните кои не се заштитени од штетното дејство на чадот и отровните гасови, како јаглеродниот моноксид и цијанводородот, се изложени на сериозна, па дури и смртна опасност.
„Жал ми што повторно морам да предупредам дека е крајно ризично, и не треба да се вклучуваат во гаснење на пожари граѓани кои на никаков начин не се заштитени од штетното дејство на чадот и отровните гасови. Јаглеродниот моноксид и цијанводородот убиваат без предупредување.
Ги молам граѓаните , па и професионалците да користат заштитни средства и да бидат крајно внимателни бидејќи последиците од труење со отровните гасови можат да бидат многу сериозни“, објави докторот на социјалните мрежи.
Викендот, запалената сува трева во близина на спортскиот комплекс „Борис Трајковски“ предизвика евакуација на учесници и гледачи на ракометен турнир, а деветмина полицајци, кои заедно со пожарникарите учествувале во гаснењето на пожарот, завршија на Токсикологија откако вдишале чад.