Ванчо Чифлиганец, првиот човек на градежна компанија Адора инженеринг најави дека го сели бизнисот надвор од Mакедонија. Причината, како што вели генералниот директор, е неповолната клима во Македонија.
„Додека во Македонија не се создаде поволна клима во градежништвото, Адфора инженеринг ќе работи надвор од границите на земјата“, изјавил Чифлиганец , додавајќи дека една од причините за преселување е и неможноста за градење во скопската општина Центар во која постои мораториум за изградба на нови објекти.
Адора веќа имала своја компанија во Србија (Adora Living Solutions), а Чифлиганец вели дека сега сите компании се инкорпорирани во Adora Business Group. Моментно се гради елитен станбено деловен комплекс во Златибор. Станува збор за станбено деловен комплекс од 7000 квадратни метри со 100 станови, кои што ќе бидат целосно опремени, односно во кои што сите станови (апартмани) ќе бидат комплетно унифицирано опремени со мебел и целата останата покуќнина, базен, спа и велнес центар, ресторан, теретана, двор за релаксација и останати современи содржини за планински одмор.
Тој исто така открил дека компанијата работи на два проекти во Грција, од кои еден на Халкидики. Тука се веќе изградени апартмани за продажба, а оваа година ќе се покрене и проект на островот Тасос каде ќе се изградат две станбени згради, при што дел од станбените единици ќе бидат наменети за издавање, а дел ќе бидат на продажба.
„За македонската економија не постои ништо поважно од тоа земјоделците да работат, затоа што така го полнат буџетот на општината и државата“, заклучува Чифлиганец.