По реакцијата на Здружението на граѓани акционери во Топлификација дека проценетата вредност на АД Топлификација во стечајната постапка, е над 30 милиони евра, што е неколкупати повеќе од сумата од 9,3 милиони евра со ДДВ за колку што Адора ја купи Топлификација, заменик генералниот директор на Адора – Душко Чифлиганец за „Локално“ вели дека се стекнале со овој имот, кој беше предмет на одлучување во стечајна постапка, во кој „Адора Инженеринг“ немале никаква ингеренција.
„Адора инженеринг се пријави за да лицитира и целата постапка беше јавна. Нашата понуда беше највисока. Доколку не ја дадовме, постигнатата цена ќе беше уште пониска. Собранието на доверители има можност да ја прифати или одбие оваа понуда“, изјави Чифлиганец.
Во однос на дилемите кои секако се од најголем интерес за јавноста, а се однесуваат на можноста за корекција на цената на топлинската енергија тој вели: „Тоа не може однапред да се знае. Цената се формира според многу параметри, а една од основните е цената на природниот гас кој во овој период урива рекорди. Производството на топлинска енергија е регулирана енергетска дејност а цените за вршење на оваа дејност ги определува РКЕ“.
Она што во меѓувреме е извесно е дека новиот сопственик ќе има две опции, да ги изнајми лиценците за вршење на дејност производство на топлинска енергија или низ соодветни постапки да побара да добие таква лиценца.
Чифлиганец за „Локално“ потврдува дека новите услови ќе бидат предмет на договор меѓу „Адора Инженеринг“, БЕГ и Регулаторната комисија за енергетика.
„Тоа се комплексни, сложени процеси во кои се вклучени многу фактори. Секако дека на крајот треба да резултираат со заеднички компромис во кој пазарните услови се суштински дел“, вели Чифлиганец.
Плановите на „Адора инженеринг“ се амбициозни, и тие меѓу другото предвидуваат унапредување, прогрес и модернизација на процесот на производство.
Според Здружението на граѓани кои се акционери во Топлификација, имотот и побарувањата на Топлификација се проценети на 63 милиони евра заедно со долгот кон ТЕ-ТО, со правосилна пресуда на Врховниот суд. Долговите на компанијата според нив се 20 милиони евра од кои 17 милиони се кон Комерцијална банка. Во врска со незаконитостите во досегашните стејани постапки и тековната продажба на дел од имотот на Топлификација од таму најавија и тужби.
К.В.С.