„ЧИСТА ПРЕСПА, МОЈА ПРЕСПА“ го освежи Преспанскиот крај

од Берта Китинска
306 прегледи

Пред точно еден месец, на плажата Претор на 5-ти јуни со несекојдневна прес-конференција беше означен почетокот на кампањата „Чиста Преспа, Моја Преспа“.

Целта беше да се исчистат нови депонии кои беа мапирани од страна на локалната заедница и невладиниот сектор, да се уредат плажите, а во исто време да се подигне свеста кај населението и туристите за еколошките предизвици.

Во целата кампања активно беа вклучени и голем број на јавни личности кои беа поддржувачи на оваа акција. Меѓу нив, Марјана Станојковска, Ирена Споровска, Таско, Бомбакис, Миро Коцаров, Божидар Божиновски, Татјана Алексиќ, Вера Мештеровиќ, Маја Тино, Елена Велевска, а амбасадори на кампањата,, Чиста Преспа, Моја Преспа”, беа актерите Игор Ангелов и Владимир Тулиев.

,,Не бев ни свесен дека оваа кампања ќе побуди толкав интерес. Особено сум горд што во овој еден месец во најобемната кампања спроведена кај нас, освен локалната самоуправа, се вклучија и голем број компании од бизнис секторот, децата, младите, но и највозрасните. Нема поголема среќа од тоа да ги видите своите сограѓани заедно во расчистување на својата Преспа”.- изјави градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски.

Колку за потсетување, во текот на првата недела се одржаа состаноци со над 50 субјекти од различни сектори. Потоа учениците во село Љубојно, Царев Двор и Подмочани, но и учениците и децата од градинките и училиштата во Ресен, беа едуцирани за голем број еколошки лекции, како компостирање, ефектот на стаклена градина, селектирање на отпад, заштита на животната средина.

Во текот на следните три недели, започнаа поголеми зафати со тешка механизација за чистење и уредување на нашата Преспа. Беа исчистени болницата во Отешево, дворот и мониторинг станицата во Стење, депонијата во Коњско, плажата во Стење, патеката од Претор до Сливница, депонијата во Сливница, депонијата кај Царев Двор и депонијата на месноста Рудина.

Најмасовната акција се случи кон крајот на минатиот месец, кога бизнис заедницата, граѓанските здруженија, спортските клубови, вработените во јавниот сектор, ЈКП Пролетер, волонтери и граѓани го исчистија Амфитеатарот и спортско рекреативниот центар во Ресен.

Се исчисти и плажата Черти Камен во Отешево, се чистеше и речното корито на Голема Река, ренџерите ја исчистија патеката покрај туристичката населба Претор.

На 27ми јуни Преспа чанти уживаа во одличниот настан MEET PRESPA каде освен традиционалната кујна, посетителите уживаа и во музиката на артисти од Македонија, Албанија и Грција. Пред крајот на кампањата,, Чиста Преспа, Моја Преспа” најмладите уживаа во претставата за деца со Маша и Медо, а свој настап имаше и Таско.

,, Рековме дека за еден месец ќе им ја оставиме Преспа чиста на идните генерации и го исполнивме ветувањето. Остануваат уште делови од Преспа за чистење, па затоа двајца вработени ќе продолжат во создавањето на почиста Преспа. Сега е време за убава туристичка сезона и потсетување на нашиот слоган,, Ајдее заедно да ја направиме Преспа почиста, поубава и позелена”. Не заборавајте на овој слоган и практикувајте го секојдневно. – додаде градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски.

 

Слични содржини