Промените што ги најавува и ги практикува новото раководство на СДСМ под водство на Венко Филипче се обид за јасен политички пресврт по серијата изборни порази и долгата ерозија на довербата.
Формално гледано, структурата е редуцирана, пораката е поедноставена, а слоганот „Нова сила“ има задача да сугерира нов почеток. Но суштинското прашање не е колку функции се укинати или преименувани, туку дали оваа „метла“ навистина чисти или само го преместува истиот мебел од една во друга просторија.
Намалувањето на бројот на потпретседатели од четири на двајца испраќа сигнал за рационализација и за централизирање на одговорноста. Изборот на Јована Тренчевска и на Александар Трајановски е комбинација од препознатливо партиско лице и „чисто“ професионално име без тешки партиски багаж. Тоа несомнено е чекор кон балансирање меѓу континуитет и новитет.
Сепак, зад таа фасада на рационализација, јадрото на партиската моќ останува во голема мера непроменето: генералниот и организацискиот секретар се исти, а Извршниот одбор во значителен дел е составен од веќе познати кадри.
Токму тука почнува дилемата за ефикасноста на „метлата“. Враќањето на Ана Чупевска, и покрај нејзината претходна јавна најава за повлекување, покажува дека СДСМ тешко се откажува од старите, медиумски препознатливи лица. Чупевска има јасен јавен профил и политичка артикулација, но истовремено е симбол на еден период кој дел од гласачите веќе го доживуваат како истрошен. Нејзиното поставување на чело на нов Совет може да се чита како обид за интелектуализација на партијата, но и како сигнал дека „новото“ сè уште силно се потпира на старите носачи на наративот.
Слично е и со вклучувањето на Јон Фрчковски во Извршниот одбор. Неговото име во јавноста веќе подолго време не се поврзува со политички идеи, туку со контроверзии кои беа предмет на медиумско внимание и скандали. Без разлика на правниот епилог или личните објаснувања, фактот дека такво име повторно се појавува во врвот на партијата го отвора прашањето за чувството за политички ризик и за пораката што СДСМ ја испраќа до неопределените гласачи.
Изборот на Александар Наумовски, поранешен градоначалник на Ѓорче Петров, е уште еден пример за двосмислена стратегија. Тој е локално препознатлив, но и симбол на еден тип политичка комуникација што често се движеше на раб на популизмот, па и на карикатуралноста. За дел од јавноста тоа е „човечки“ пристап, за друг дел тоа е доказ дека партијата нема доволно нови, сериозни кадри кои можат да понудат поинаков стил и содржина.
Од друга страна, не може да се игнорира дека Филипче очигледно се обидува да воспостави поголема контрола и јасна хиерархија. Останувањето на Фани Каранфиловска-Пановска како заменик-претседателка поради статутарни причини покажува дека лидерот засега игра внимателно, без отворени конфликти со конгресно избраните структури. Тоа е прагматично, но и симптоматично: реформите се дозирани, чекор по чекор, без радикални резови.
Кон што се движи СДСМ? Во моментов – кон внатрешна консолидација, а не кон вистинска трансформација. Партијата се обидува да се стабилизира, да го зачува јадрото и истовремено да тестира нова реторика.
„Нова сила“ звучи амбициозно, но кадровската слика повеќе личи на „рециклирана енергија“. За гласачите кои заминаа од СДСМ поради разочараност, ова веројатно нема да биде доволен сигнал за враќање.
Метлата на Филипче е доволно голема за да ги помести фигурите, но засега не изгледа доволно остра за да ја пресече врската со политичкото минато што ја оптоварува партијата.
Б.Т.