Чкембари: „Швеѓанецот“ што шеташе со маица со орел е длабока провокација кон сите нас

„Да не се прајме будали, под тоа знаме се колени нашите битолски херои“ - порачаа од навивачката група „Чкембари“

од Nikola Popovski
241 прегледи

Навивачката група „Чкембари“ се огласи во јавноста откако во СВР Битола беше пријавен инцидент од С.Х.Д. (32) од Шведска, кој моментално престојува во Дебар. Тој информирал дека на улицата „Широк сокак“ во Битола му пристапиле неколку непознати лица на возраст од околу 20 години и се обиделе да му ја соблечат маицата што ја носел.

Од навивачката група која го поддржува клубот Пелистер информираа дека „инцидентот нема меѓуетнички предзнак“.

-„Швеѓанецот“ што шеташе со принт од орел преку цела маица е длабока провокација спрема сите нас на кои ни се свежи сеќавањата од пред 20-тина години. Да не се прајме будали, под тоа знаме се колени нашите битолски херои. Битолчани се горди луѓе. Секој кој не бара, знај кај сме, салата и стадионот се наш дом. Битола е наш дом, стои меѓу другото во објавата на најжестоките фанови на Пелистер.

По овој настан, пристигна реакција од Демократската унија за интеграција. Оттаму велат дека „срамниот и опасен акт во Битола, каде што беше нападнат Албанец со шведско државјанство само затоа што носел маица со орел, претставува јасен доказ дека национализмот, дискриминацијата и омразата која секојдневно се потхрануваат од партиите на власт и од самиот државен врв“.

-Кога на трибините, во присуство на највисоките претставници на државата, одекнуваат повици на омраза, а никој не носи кривична одговорност, кога власта се потсмева изјавувајќи дека „не слушнала“ такви повици, тогаш не станува збор за изолирани инциденти, туку за намерна клима на поттикнување и релативизирање на омразата, порачаа меѓу другото од партијата од Мала Речица.