Истражната постапка за трагедијата во ноќниот клуб „Пулс“ открива сериозни системски пропусти кои довеле до кобната ноќ во која животот го загубија 59 лица. Според обвинителството, осомничени се 30 физички и правни лица, меѓу кои поранешни градоначалници, директори на институции, управители, службеници и лица од обезбедувањето.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека клубот работел незаконски повеќе од една деценија, а институциите кои требало да го спречат тоа не постапиле по закон.
„Тројца градоначалници во периодот од 2012 до 16 март 2025 година, како и осомничени поранешни директори на ДСЗИ, ДПИ не ги исполнувале своите законски обврски согласно Законот за заштита и спасување, поради што клубот нелегално функционирал. За целиот овој период, Општина Кочани примала уплати врз основа на надоместок за угостителски објект,“ нагласи Коцевски.
На 16 март 2025 година, службено лице од клубот без правно пропишан договор организирало концерт на групата ДНК. Заедно со управителите и агенцијата за обезбедување, тие не ги почитувале капацитетските ограничувања, дозволувајќи влез на околу 650 луѓе, меѓу кои најмалку 35 малолетници.
Според истрагата, билетите се продавале без контрола, а обезбедувањето не го спречило внесувањето на пиротехнички материјали, иако просторот не дозволувал нивна употреба.
“На 16 март 2025 година, службено лице од клубот, без правно пропишан договор, организирало концерт на групата ДНК. Заедно со осомничените управители и агенцијата за управување, тие не ги почитувале условите и дозволениот капацитет на објектот. Како резултат на тоа, во клубот влегле околу 650 лица, меѓу кои најмалку 35 малолетници. Притоа, билетите се продавале без контрола на возраста на гостите. Има сомнение дека член од групата ДНК околу 02:32 часот по полноќ, како дел од сценскиот настап, активирал пиротехнички средства, што го предизвика пожарот,“ изјави Коцевски.
Коцески нагласи дека осомничени се и сопственикот на фирмата за обезбедување, овластеното лице на нејзината подружница во Кочани и тројца вработени. Тие вршеле обезбедување без соодветни проверки на условите за евакуација, дозволиле внесување малолетници и не спречиле внес на пиротехнички материјали, кои доведоа до трагедијата.
„Во врска со пропустите на обезбедувањето, осомничени се сопственикот на фирмата, овластеното лице на нејзината подружница во Кочани и тројца вработени од фирмата за обезбедување. Тие вршеле обезбедување без да ги проверат условите за работа и безбедносните мерки, особено во однос на евакуацијата. Дополнително, дозволиле влез на малолетници во клубот и не спречиле внес на пиротехника, што довело до трагичната несреќа“ изјави Коцевски.