На обраќањето на поранешниот министер за финансии Никола Поповски, од неодамна член на Советот на Народна банка, на надзорната расправа на комисијата за финансирање и буџет во Собранието на РСМ, потенцираше дека на штедачите физички лица во една банка осигурани им се само депозитите до 30.000 евра и ни евро повеќе. Што е ова ако не е Апел до Штедачите да не чуваат повеќе од 30.000 евра во една банка!?
Во дискусијата, Никола Поповски го изнесе мислењето дека Народна банка нема ингеренции да ги контролира кредитните пласмани на банките, а токму на ваков начин со делење на депозитната база преку кредити без покритие се ограбени депонентите на Еуростандард банка. Според констатираното во извештајот на стечајниот управник Душко Тодевски, украдени се речиси 60 милиони евра!
На надзорната расправа во Собранието, Никола Поповски не спомена ништо за правните лица доверители во Еуростандард банка чија бројка е околу 2.000, кои се ограбени на ист начин како и физичките лица! Средствата од нивните депозити и тековни сметки се исто така пласирани како кредити без покритие. Но, правните лица немаат никаква осигурителна гаранција од државата и нивните средства во банката се ограбени во целост.
Оштетените депоненти во Еуростандард банка, физички и правни лица, прашуваат дали посочениот „експерт“ смета дека и двете илјади правни лица се сами виновни за нивната настаната штета, со тоа што ги чувале средствата во банка или работеле преку неа како финансиска институција која е лиценцирана, регулирана и контролирана од гувернерката Бежоска!?
Место да се завземат за зголемување на сигурноста на физичките и правните лица во банкарскиот и финански систем, а со тоа и да се зголеми довербата во домашните финансиски институции, ликови како Никола Поповски, сега згора и член на Советот на Народна банка, со неодмерени изјави и со адресирање на вината кај депонентите во банките – физичките и правни лица, на пат се да предизвикаат реакција кај сите депоненти изразена со подигнување на депозитите од банките и нивно чување некаде надвор. Ова ќе биде логична реакција ако вакви ликови на високи позиции во банкарскиот сектор, како што е сега Никола Поповски, продолжат со давање на вакви неодговорни изјави кои можат да предизвикаат далекусежни негативни последици, вклучително и по депозитите на физичките лица до 30.000 евра. Бидејќи во состојба на општа несигурност, ваквите изјави се всушност индиректен повик за повлекување на сите депозити од банките и нивно чување „под перница”.
Затоа, господа од власта, особено од банкарството, не играјте си со стабилноста на финанскиот систем, не долевајте масло на огнот бидејќи ако тој се распламти, пожарот може да биде со катастрофални последици. Затоа, подобро ќе биде да го изгаснете жарчето наречено Еуростандард банка отколку да го распламтувате огнот. Бидете доблесни и прифатете ја сопствената одговорност која е очигледна. Барем еднаш. Зарем тоа е толку тешко!?