Членот на општинскиот кризен штаб на Куманово, Стојановски објави дека е негативен на Ковид 19

од Берта Китинска
395 прегледи

Раководителот на Регионалниот Центар за управување со кризи, Горан Стојановски и член на општинскиот кризен штаб во Куманово синоќа објави на социјалните мрежи дека дополнително се тестирал по што резултатите биле негативни.

Стојановски е еден од членовите на општинскиот кризен штаб кај кого на 16-ти април беше утврдено дека е позитивен на Ковид 19.Стојановски пишува дека по консултации со матичниот лекар и бидејќи немал симптоми се тестирал приватно во две клиники.

-Првиот PCR тест изготвен во референтна лабoраторија, како и вториот брз RAPID тест за антитела IgG и IgM се негативни и укажуваат на фактот дека нити сум дошол во контакт со инфициран од Ковид-19, ниту пак воопшто станува збор кај мене, во мојот организам за некакво си заразување со Ковид-19-пишува Стојановски.

Тој појаснува дека добил решение од ДСЗИ, дека треба да е во самоизолација, согласно првичното тестирање, а сега два резултати му се негативни.

– Се убедувам себе си, а уште повеќе сакам да верувам дека лабораторија при Институтот за јавно здравје при прегледување на моите брисеви има направено превид или случајна грешка, но не сакам ни да помислам дека позадината е нешто сосема друго кое по некаква потреба го прави позитивен мојот резултат, вели во објавата.

Стојановски најави дека писмено ќе се обрати до ЦЈЗ Куманово и ќе побара повторно тестирање за да, како што пишува, се корегира грешката. Тој додава дека ќе го почитува решението на ДСЗИ.

Слични содржини