Членови на Левица застанаа пред Могилата на непобедените, државните делегации ги заобиколија

од Nikola Popovski

Членови и активисти на партијата Левица денеска застанаа пред централниот дел од платото на Могилата на непобедените по повод 80-те години од Денот на востанието.

Група од 11 лица го „окупира“ споменикот и го попречи патот на државните делегации кои требаше да положат цвеќиња. Делегациите (прв Пендаровски, а потоа владината на чело со премиерот Зоран Заев) само ги заобиколија и го положија цвеќето.

Обраќање на настанот имаа претседателот Стево Пендаровски и градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски.

-11-ти Октомври не е само ден-симбол на Борбата која македонскиот народ ја отпочнал за добивање на својата слобода. Тоа е и ден кога се поставени народните идеали, како темел на неговата државност, која е издвоена токму како резултат на победата во борбата против фашистичкиот окупатор Бугарија, отпочната на овој датум, соопштија денес од Левица и додадоа:

Наша задача ќе биде повторно, следејќи ги искуствата на хероите од Народно-ослободителната борба (НОБ), да го трасираме патот до враќање на државата на АСНОМ-ските темели, при што македонскиот народ повторно ќе се најде на вистинската и праведна страна на Историјата – да се спротивстави на империјалистичките интереси и, во сојуз со сите од него угнетени народи низ светот, повторно да издвојува победа над окупаторите! СМРТ НА ФАШИЗМОТ – СЛОБОДА НА НАРОДОТ, стои во нивното обраќање.

Слични содржини