Државната изборна комисија (ДИК) ја очекува официјално Уредбата со законска сила донесена синоќа од техничката Влада, со која се продолжуваат изборните дејствија за предвремените парламентарни избори.
Претседателот на ДИК Оливер Деркоски за МИА вели дека не би сакал како прв човек на Комисијата да ја коментира Уредбата пред да ја види и дека официјално тој и членовите на Комисијата ќе се изјаснат кога ќе ја видат нејзината содржина.
Деркоски, кој е делегиран од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, изнесувајќи личен став, вели дека со Уредба не може да се уредуваат норми кои веќе се уредени со Изборниот законик. Уредбата со законска сила, додава тој, трае додека трае вонредната состојба. Деркоски повторува дека нема да дозволи да работи незаконски. Сепак, нагласува дека пред што било друго да каже, ќе чека да ја види Уредбата.
Членовите на ДИК, според информациите на МИА, се во Комисијата и во очекување да ја добијат Уредбата, откако таа ќе излезе во Службен весник, и да одржат средба на која треба да се договорат околу натамошните активности на Комисијата согласно оваа Уредба.
Борис Кондарко, член на Комисијата предложен од СДСМ, во разговор за МИА исто така не сакаше да зборува за Уредбата, но потенцира дека ДИК е институција која треба да го спроведува законот. Согласно Деловникот, додава тој, претседателот на Комисијата е тој кој ги свикува седниците, и неговите очекувања се дека во текот на денот тие ќе се состанат за да се договорат следните активности согласно одредени рокови кои произлегуваат од Уредбата, која, како што нагласува, сепак најпрво треба да излезе во Службен весник.
Владата на Република Северна Македонија на синоќешната седница донесе дополнување на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес, со која го задолжи МВР во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, да ги достави до ДИК податоците од членот 43 ставот 6 на Изборниот законик, односно листа на државјани кои поднеле барање за издавање на нова лична карта или патна исправа по било кој основ и кои ги подигнале од денот на распишување на изборите до денот на влегувањето во сила на оваа уредба, соопштија од прес службата на Владата. Со оваа Уредба, МВР треба да достави листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите, односно дваесет и вториот ден од престанокот на траењето на вонредна состојба.
– Уредбата определува дека ДИК податоците за овие лица ги впишува во избирачкиот список по службена должност. Согласно уредбата, основните судови и Управата за водење на матичните книги, во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, се должни да ги достават до ДИК податоците за граѓаните, заклучно со денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, појаснија од Влада.
До претпладнево, Уредбата со законска сила донесена на синоќешната седница, не беше излезена во Служен весник.
Како што синоќа соопшти Владата, со денот на влегувањето во сила на оваа уредба, ДИК и Државниот завод за статистика се должни да ги продолжат дејствијата за ажирурање на избирачкиот список прекинати на 21 март 2020 година, согласно оваа уредба и согласно Изборниот законик. ДИК, како што се наведува, е должна да ги преземе и изврши сите неопходни технички и административни активности заради подготовка на преостанатите изборни дејствија, согласно Изборниот законик.
Министерството за здравство, е должно, според утврдените протоколи од Комисијата за заразни болести, за потребите на изборите, а по добиени податоци од ДИК да обезбеди заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место.
Партиите од власта и опозицијата имаат различни мислења за датумот за одржување на изборите.
Ставот на СДСМ е дека изборите треба да се одржат на 5 јули, со цел државата да добие функционални институции, а со тоа и поефикансо справување со пандемијата.
За ВМРО-ДПМНЕ изборите во овој момент се во втор план. Важно е, велат од партијата, државата да ја надмине корона-кризата и во овој момент изборите треба да се во втор план.
Различните позиции се одразуваат и на ставовите на владините пратетставници во техничката Влада. Па така за оваа уредба синоќа не гласал министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, предложен од ВМРО-ДПМНЕ.