Матичните лекари изминативе две години секојдневно се занимаваат со коронавирусот. Сметам дека е касно да се праќаат известувања до пациентите кои досега не се вакцинирале бидејќи голем дел од нив поради здравствени причини не ни можат да примат вакцина против ковид 19, вели во изјава за „Локално“, претседателката на Здружението на матични лекари, д-р Лилија Чолакова-Дервишова.
Докторката објаснува дека матичните лекари секојдневно комуницираат со своите пациенти кои бараат совети поврзани за примањето на вакцините и нивните последици.
-Оние кои сакаа да се вакцинираат тоа веќе го направија.Сметам дека матичните лекари не можат со сила да ги тераат своите пациенти да се вакцинираат и со Закон е утврдено дека вакцинацијата не е задолжителна, објаснува Чолакова-Дервишова.
Таа напоменува дека јасно треба да се посочи кои групи на луѓе не требаат да се вакцинираат против ковид 19, додавајќи дека „помеѓу примените вакцини треба да има простор и да не се примаат две различни вакцини во ист ден со цел доколку се случат некои последици да се знае која вакцина е причинител за таа реакција“.
Коментирјаќи ја новата мерка, влез во затворени места само со примени две дози вакцини ,Чолакова-Дервишова смета дека не е праведно вакво воведување на мерки затоа што има голем број на граѓани кои се заведени во „Мој Термин“ кои имаат прележано ковид и се излекувани конзервативно преку матичните лекари.
-Има луѓе кои го имаат прележано вирусот и имаат високи антитела и не сакаат, но и не смеат да се вакцинираат затоа што може да имаат контраиндикации .Не треба да има ограничувања кај граѓаните овие одлуки и пречат и на економијата.Јас како граѓанин сега немам право да влезам во трговски центар и да си купам скап парфем или алишта или можеби да седнам во ресторан на ручек затоа што не сум вакцинирана, а сум здрава или имам прележано ковид.И лицата со сертификат се вакцинирани, но тие можат повторно да се заразат и да ја пренесат болеста, а имаат право да влезат во затворени простории, објаснува докторката.
Таа воедно напоменува дека голем дел од пациентите кои чекаат термин за одредена операција имаат проблем доколку испаднат позитивни на ПЦР тестовите кои не се специфични за коронавирусот.
-Имав пациентка која чекаше една година за операција на катаракта, кога дојде терминот иако беше вакцинирана таа на тестот испадна позитивна и не можеше да се оперира, доколку имаше пари тоа ќе можеше да го заврши на приватна клиника. Тоа е неправедно не смее да има вaква поделба , посочува Чолакова-Дервишова.
Б.М.