Во емисијата „Само вистина“, новинарот и политички аналитичар Александар Чомовски упати силна и емотивна порака за реалноста во која се наоѓа Македонија, потенцирајќи дека како мала држава, секогаш ќе се најде под притисок да прави отстапки.
„Ние сме мала држава. Тоа треба искрено да му го кажеме на народот. Ќе се бараат отстапки од нас – тоа е реалноста. И не е популарна, но е вистинита“, рече Чомовски, реагирајќи на ставовите за тоа дали Македонија премногу попушта и дали добива нешто за возврат.
Тој истакна дека долго време зборува на оваа тема, но откако ќе изнесе став, веднаш се активираат „ботови“ кои го напаѓаат како предавник. „Сите тие треба да знаат една работа – кога една група новинари, меѓу кои и јас, вршеше пресија за самостоен пат на Македонија, многумина од тие што сега не напаѓаат не беа ни родени“, посочи тој.
Чомовски нагласи дека е доследен на своите ставови уште од времето на Глигоров и дека секогаш верувал во можноста Македонија да оди сама. „Но не можам да кажам дека тоа секогаш било добро за Македонија. Нема гаранција дека патот по кој одам е и најдобриот, но тоа сум јас – доследен“, одговори Чомовски на прашањето на новинарот Александар Видиновски кој укажа дека македонскиот народ веќе направил многу чекори на отвореност и прифаќање, често и на сопствена штета.
„Не сакам да звучам како апологет на некоја партија, туку како рационален граѓанин – дали ние не покажавме доволно космополитски дух досега? И што добивме за возврат, освен членството во НАТО? Зошто само од нас се бараат вакви специфични услови?“, праша Видиновски.
Во емисијата зборуваше и универзитетскиот професор Владимир Божиновски кој ја оцени одлуката на Арбен Таравари за самостојно да настапи на претстојните локални избори. Божиновски оцени дека одлуката на Таравари е храбра, но и многу ризична. Според него, политичката сцена веќе е поделена на два големи блока – ДУИ и коалицијата ВЛЕН, што значително го отежнува просторот за независен настап, особено со оглед на тоа што градоначалниците се избираат по мнозински, а не пропорционален систем.