Човечката инфраструктура е присутна на најмалку 80 отсто од најважните места за биолошката разновидност во светот.
Најчестите типови на човечка инфраструктура се патишта, далноводи и урбани области, додека многу локации се соочуваат со понатамошно навлегување од индустрии, како што се рудници и инфраструктура за екстракција на фосилни горива и други суровини, што ќе се градат во иднина.
Истражувачите од Birdlife International, WWF, RSPB и Универзитетот во Кембриџ проучувале глобална мрежа подрачја меѓународно признати како клучни за дивиот свет и природата-познати како главни подрачја на биолошката разновидност (KBA).
Тие откриле дека меѓу 15.150 KBA три четвртини содржеле патишта, а повеќе од една третина содржеле далноводи и урбани подрачја.
Тие, исто така, откриле дека потенцијалниот развој би можело да резултира со дополнителни 2.201 KBA кои содржат рудници (зголемување од 292 отсто), дополнителни 1.508 KBA кои содржат нафтена и гасна инфраструктура (зголемување од 72 отсто) и дополнителни 1.372 KBA кои содржат електрани (зголемување од 589 отсто).
Човечката инфраструктура е една од главните закани за биолошката разновидност, соопшти Меѓународната унија за зачувување на природата, предизвикувајќи уништување и фрагментација на живеалиштата, загадување, зголемен излов и ширење на инвазивни видови.
Еш Симкинс, зоолог од Универзитетот во Кембриџ, кој ја водеше студијата, вели дека човекот направил премногу инвазии.
„Загрижувачки е што човечкиот развој постои на огромното мнозинство места идентификувани како клучни за природата. Свесни сме дека инфраструктурата е од суштинско значење за човековиот развој, но потребна е паметна изградба“, нагласува Симкинс.
„Ова во идеален случај значи избегнување или на друг начин минимизирање на инфраструктурата на најважните локации за биолошка разновидност. Ако инфраструктурата мора да постои, тогаш таа треба да биде дизајнирана да предизвика што е можно помала штета и да ги компензира влијанијата повеќе отколку на друго место.”
Луѓето ја уништуваат животната средина
Истражувачите комбинирале географски карти со податоци за различни видови инфраструктура, категоризирани како транспорт, брани и резервоари, екстракција, енергија и урбани области со мапи на области клучни за зачувување на биолошката разновидност.
Енергијата и екстракцијата се единствените категории за кои биле достапни некои глобални податоци за планираниот развој.
Регионите со најголем удел во планираниот развој на извлекување на суровини од земјата во областите на KBA се Јужна Америка, Субсахарска, Централна и Јужна Африка и делови од Југоисточна Азија.
Сите KBA во Бангладеш, Кувајт, Република Конго и Србија се соочуваат со потенцијал за развој на индустрии за екстракција на суровини од земјата.
Научниците исто така велат дека развојот на обновлива енергија, која бара ископување благородни метали што се користат во соларни панели, фарми со ветерници и батерии, мора да се води сметка за намалувањето на неговото влијание врз биолошката разновидност.
Коавторот на студијата д-р Стјуарт Бучарт, главен научник на BirdLife и научен соработник на Универзитетот во Кембриџ потсетува дека човештвото се обврзало да го спречи уништувањето на живиот свет, но тоа не се случува како што треба.
„На состаноците на Коп15 на ОН за биолошката разновидност во Монтреал, владите се обврзаа да ги запрат истребувањата предизвикани од човекот. Распространетото уништување или деградација на природните живеалишта во границите на КБА може да доведе до општо истребување; затоа со постојната инфраструктура во КBА мора да се управува за да се минимизираат влијанијата, а понатамошниот развој на овие локации треба да се избегнува колку што е можно повеќе.”
Научниците велат дека инфраструктурата може да варира во начинот на кој предизвикува губење на биолошката разновидност и потребна е повеќе работа за да се проучи нејзиниот ефект врз индивидуалните КВА за да може повеќе да се научи за тоа како да се ублажи.