Човекот кој го обвини Кевин Спејси за сексуален напад мора да го открие својот идентитет

од Stefanija Kuzmanovska

Човекот кој тврди дека бил сексуално нападнат од славниот американски актер Кевин Спејси во 80-тите години на минатиот век кога имал 14 години, мора да го открие својот идентитет доколку сака да го продолжи граѓанскиот судски спор од 40 милиони долари против оскаровецот, пресуди федералниот судија во Њујорк.

Американскиот окружен судија Луис Каплан изјави дека славата на Спејси го зголеми интересот на јавноста за откривање на идентитетот на тужителот, познат како Ц.Д., пренесува „Ројтерс“.

Судијата од Менхетен исто така изјави дека 61-годишниот Спејси ќе биде неправедно оптеретен ако треба да се брани од непознат тужител.

„Ц. Д. упатува сериозни обвинувања и како резултат го доведува во прашање неговиот кредибилитет. Правдата бара тој да биде подготвен јавно да застане зад неговите обвинувања“, посочи судијата.

Каплан му даде на тужителот 10 дена да ја дополни жалбата и да го наведе своето име.

Адвокатите на Ц.Д. и Кевин Спејси не одговорија на барањата за коментар, пренесува „Ројтерс“.

Поради други обвинувања за недолично однесување, добитникот на Оскар беше исфрлен од популарната серија „Куќа на картите“ на Нетфликс, а беа скратени сцените во кои Спејси играше во филмот „Сите пари на светот“.

Слични содржини