Чулев: Обвинувањата на ССМ се паушални и мотивирани од политички цели

од Берта Китинска
219 прегледи

Политизирано и партиски координирано раководство на еден синдикат не може да ги штити правата на работниците, а денешната прес конференција одржана по партиски директиви уште еднаш го потврдува тоа. И таа говори за тоа на каква синдикална организација членуваат дел од вработените во Министерството за внатрешни работи и кој ги „штити“ нивните права, напиша на својот Фејсбук министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, откако ССМ го обвини дека вршел притисок на синдикатот.

Тој вели дека од првиот ден кога бил поставен за прв човек во Министерството за внатрешни работи преку своите постапки покажал дека правата на работниците за него се исклучително важни.

-Таа поддршка и желба за дијалог ја покажував и преку неколку средби кои ги одржав со членовите на македонскиот полициски синдикат, но и со сите други репрезентативни синдикати. На денешната прес-конференција очекував полицискиот синдикат да го запрашаат Оливер Спасовски и останатите претставници на власта зошто сè уште не го прифаќаат предлогот за парична награда за вработените во полицијата и зошто во неколку наврати поништуваат решенија за распоредување на вработени донесени во транспарентна постапка и во согласност со законот, а во која активно учествуваа и потпис имаат ставено и претставници на Македонскиот полициски синдикат. Воедно, го прашувам раководството на Македонскиот полициски синдикат зошто ваква реакција немаше кога Оливер Спасовски пред самото заминување подели голем број на решенија, а за најголемиот дел од нив и самиот синдикат потврди дека се спротивни со законот“, напиша Чулев на Фејсбук.

Дополнително, за волја на вистината јавноста, додаде тој, треба да знае дека предлогот кој тие го споменуваат за бонус плата од 25 илјади денари, воопшто не е доставен до него, а доколку истиот е доставен до Владата ја повикува веднаш да го прифати истиот, бидејќи истиот е во интерес на вработените на Министерството за внатрешни работи.

„Наводите изнесени на денешната прес конференција се паушални и се мотивирани од политички цели. Па така раководството на синдикатот кој треба да ги штити вработените во сите организациски единици обвинува дека вработените во мојот кабинет се дел од политички кабинет иако истите се долгогодишни и докажани професионалци и дел од нив биле вработени во Бирото за јавна безбедноста, а истовремено членови на посочениот синдикат. Ги повикувам вработените во Министерството за внатрешни работи да проверат дали раководството на Македонскиот полициски синдикат ги застапува нивните права или, пак, работи по директива на власта. Јас како министер и понатаму ќе останам отворен за дијалог за сите предлози кои ќе ги унапредат правата на вработени во Министерството за внатрешни работи“, напиша Чулев.

Слични содржини