Владата денеска ќе одлучува дали граѓаните ќе ги поминат првомајските празници во тридневен карантин, по препораките на Комисијата за заразни болести која предложи полицискиот час во земјата за 1 Мај да трае од 19 часот в четврток до пет часот в понеделник, сличен на оној на Велигденските празници.
Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев до Координативниот кризен штаб во Владата предложил за претстојниот викенд за Денот на трудот да нема продолжен полициски час, како што беше за велигденските празници.
Наместо тоа, предлага полицискиот час да почнува исто како изминатиов викенд, кога забраната за движење започна во сабота од 15 часот, а траеше до 5 часот наутро во понеделник.
„Во пресрет на продолжениот викенд за 1 мај, сметам дека Владата треба да донесе одлука која ќе биде идентична на изминатиот викенд. Секое ограничување кое ќе биде построго и поригирозно негативно ќе се одрази на граѓаните “,- напиша Чулев на својот фејсбук профил.
Во однос на ставот на министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, за престојниот празник да нема ограничување како за Велигден, Филипче посочи дека одуката ќе ја донесат стручните лица од Комисијата на заразни болести, врз база на епидемиолошки и медицински сознанија.
– Во меѓувреме видов и некои реакции на министерот Чулев. Сметам дека не треба да станува збор за какво било лично мислење или некоја тенденција да се пренесе, некакво мислење или став или желба на која било група на граѓани заради тоа што сите овие мислења се темелат на стручните сознанија на Комисијата за заразни болести. И така функциониравме досега. Тие се темелеа на бројот на пациенти, на тоа што може да очекуваме од рестриктивните мерки во смисла на намалување на бројот на случаи но со медицинска издржаност. Зашто тоа го препорачуваме? Секако дека граѓаните не сакаат да седат дома. Кој би сакал да седи дома затворен три дена, но има причина зашто тоа е така предложено, истакна Филипче.
– Одлуката ќе биде донесена на седница на Владата. На утринскиот состанок на Штабот јас го изнесов мислењето и на Комисијата која со консензус смета дека треба викендот да биде целосно затворен како што беше оној за Велигден, сега од петок до понеделник, рече Филипче.
Министерот додаде дека во секој случај Владата на денешната седница ќе го дискутира овој предлог и ќе се слушнат сите ставови по што ќе се донесе одлука, за која јавноста ќе биде известена.
Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, на својот официјален Фејсбук профил објави дека до Координативниот кризен штаб во Владата предложил за претстојниот продолжен викенд за 1 Мај да нема продолжен полициски час, како што беше за велигденските празници, туку тоа да биде како изминатиот викенд – од сабота од 15 часот до 5 часот наутро во понеделник.
– Граѓаните се одговорни, совесни и генерално ги почитуваат мерките за ограничување на движењето. Тие се свесни за ризикот кој го носи заразата од Covid 19 и ги применуваат мерките за заштита на своето здравје. На денешната седница на Координативниот штаб во владата уште еднаш го афирмирав мојот став дека неопходно е одлуките кои ќе се донесат да не бидат во насока на заострување на мерките за движење. Во таа насока, а во пресрет на продолжениот викенд за 1 мај, сметам дека владата треба да донесе одлука која ќе биде идентична на изминатиот викенд. Секое ограничување кое ќе биде построго и поригирозно негативно ќе се одрази на граѓаните, напиша Чулев на Фејсбук.
Тој го повтори и својот став дека шумите и планините треба да останат отворени во периодот кога е дозволено движењето за граѓаните, но тие да се користат за рекреирање, а не за групирање на граѓаните.
Апелираше и до граѓаните да ги почитуваат одлуките кои се однесуваат на задолжителна употреба на соодветна заштитна опрема, а МВР, односно полициските службеници и понатаму ќе стојат во првите редови во заштита на животот и здравјето на сите.
Министерот Филипче вчера на прес-конференцијата рече дека според последните анализи на Комисијата за заразни болести, проценките за пикот на заболени се очекува да се движи од 1.600 до 1.800.
– Се уште не се опуштаме, сметам дека е рано, така сметаат и епидемиолозите и ескпертите од Комисијата за заразни болести и така ги препорачуваме и димензионираме мерките затоа што така сакаме да продолжи овој тренд, вели Филипче.
Посочи оти првичната проценка дека бројот на заразени ќе стигне меѓу 2.000 и 2.500 била правена врз основа на тогашниот број на пациенти и тогашната претпоставка како ќе се движи кривата. Веројатно, вели Филипче, сега проценките би биле поинакви.
Во однос на тоа кога се очекува пикот, министерот посочи оти не би избрзувале и оти сакаат да видат последователно повеќе денови еден ваков тренд за да кажат дека е поминат пикот. – Оваа недела, евентуално следната, периодот околу 1 мај, така беа првичните предвидувања. Од тоа од што стравуваме е да не станува збор за поединечна варијација, како што беше во едно друго сценарио кога имавме еден пик во смисла на исклучок на над 100 дијагностицирани пациенти. Така да, сметам дека се уште не би избрзувале. Сепак, сакаме да видиме последователно повеќе денови еден ваков тренд за да кажеме, добро, поминат е пикот, и да очекуваме во континуитет и во следните денови намалување на бројот на случаи. Искрено се надеваме дека така ќе биде. Но, малку е рано иако трендовите тоа ни го најавуваат, но сме многу внимателни, додаде Филипче.