Лидерот на најголемата опозициска партија во Грција, Сириза, Алексис Ципрас денеска поднесе барање за гласање недоверба на владата поради скандалот со прислушувањето поврзан со владејачката партија.
Ципрас изјавил дека го поднел предлогот „за да ја брани демократијата, транспарентноста и правдата“ и додаде дека грчкиот премиер Киријакос Мицотакис „ќе биде принуден да дојде во парламентот, да понуди објаснувања, да одговара на прашања и да преземе одговорност“, пренесе АП.
По тридневната расправа што треба да започне вечерва, пратениците ќе гласаат дали да ја поддржат иницијативата за недоверба, а со оглед на тоа што владејачката Нова демократија има 165 од вкупно 300 места во парламентот, не се очекува предлогот да помине.
Скандалот со прислушувањето изби во август 2022 година, кога шефот на агенцијата за разузнавање поднесе оставка откако беше откриено дека телефонот на претседателот на левичарската партија ПАСОК, Никос Андрулакис, бил следен.
Ципрас рече дека грчката Дирекција за безбедност и приватност во комуникациите му потврдила дека покрај Андрулакис, министерот за труд, началникот на Генералштабот на националната одбрана, поранешниот началник на армијата, поранешниот советник за национална безбедност и Поранешниот и сегашниот началник на одбраната, исто така, биле под телефонски надзор.
Тој го обвини Мицотакис за „создавање орвелова дистопија“ и за водење на „криминална мрежа за прислушување“.