„Сè уште е во тек постапката чија динамика беше успорена поради ревидирање, кое следеше по разрешувањето на Златко Перински. За исходот од постапките благовремено ќе ве известиме“, одговорија од Град Скопје, на прашањето на ЦИВИЛ Медиа кога може да се очекува потпишувањето на договорот за Пречистителна станица Скопје и на што се должи одолговлекувањето на целиот процес.
Прочистителната станица Скопје по распишување на тендерот во јуни 2020 година, се очекуваше да биде завршена до 2030 година. Со третман на отпадни води во 9 општини во Скопје, треба да се опслужат над 500.000 жители, да се намали загадувањето на реката Вардар и да се зголеми отпорноста на градот при екстремни временски непогоди со зајакнувањето на самиот третман на отпадните води.
Обезбедувањето на финансии и потпишување на договорот за пречистителната станица се случи во декември 2019 година, кога Министерството за финансии потпиша договор за 136 милиони евра со Европската инвестициска банка (ЕИБ) и со Европската банка за обнова и развој (ЕБРД). Дополнително државата доби грант од ЕИБ во износ од 10 милиони евра.
Одговор на прашањето доставено до градоначалничката Данела Арсовска, го поставивме и на Генерален директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје, Драган Илиевски, од кого не добивме одговор. Илевски доаѓа на местото на разрешениот Златко Перински, поради што се одложила постапката.
Токму неговото разрешување беше причина за кавга меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, што освен исходот од изградбата на пречистителната станица, Градот го чинеа и стопирање на ред други проекти.
Причината за разрешувањето на Перински, како што изјави тога Арсовска беше дека тој постапувал несоодветно во постапката во избор на изведувач на проектот по распишувањето на тендерот, обвиненија што Перински ги отфрли.