Credit Suisse банка изгуби 4,7 милијарди долари минатиот месец, поради поврзаноста со хеџ-фондот Archegos, чиј колапс го потресе Волстрит. Покрај финансиската загуба, познатата банка ја намали прогнозата за исплата на дивиденда за дури две третини, а двајцата најважни директори беа отпуштени.
Директорите на сегментите за инвестициско банкарство, Брајан Чин и директорката за управување со ризици, Лара Ворнер се отстранети од функцијата и ниту еден член на управниот одбор нема да го добие вообичаениот бонус оваа година, соопштија од Credit Suisse.
Втората по големина швајцарска банка позајми пари на хеџ-фондот на контроверзниот Бил Хванг. Кога Archegos избезумено ги распродаде акциите на Волстрит, неговите доверители останаа неплатени, а меѓу нив најголем беше Credit Suisse.
Вредноста на акциите на оваа банкарска групација падна за скоро 25 проценти во текот на март, додека во првите денови од април тие забележаа знаци на мало закрепнување. Иако не се очекуваат понатамошни значителни падови на вредноста, прашање е кога таа ќе се врати на нивото пред избувнувањето на аферата со Archegos.