Централна банка на Швајцарија: UBS ја презема Credit Suisse

од Stefanija Kuzmanovska

Најголемата швајцарска банка UBS се согласи да ја купи конкурентската швајцарска банка Credit Suisse за 3,23 милијарди долари (околу три милијарди евра) во акции, како и да преземе до 5,4 милијарди долари (околу 5,05 милијарди евра) загуби, врз основа на планот на швајцарските власти да се избегне дополнително потресување на банкарскиот пазар.

Договорот вклучува и 108 милијарди долари помош (околу 101 милијарда евра) за ликвидноста на UBS и Credit Suisse, која ќе ја плати швајцарската централна банка.

Швајцарската влада обезбедува гаранција за загуба до 9,7 милијарди долари (околу 9,07 милијарди евра) за да ѝ овозможи на UBS да го преземе Credit Suisse, а тоа ќе биде активирано доколку дојде до загуби, објави „Ројтерс“.

Преземањето на Credit Suisse од UBS обезбедува финансиска стабилност и ја штити швајцарската економија во оваа исклучителна ситуација, објави Швајцарската централна банка, пренесува „Танјуг“.

Според условите на договорот, акционерите на Credit Suisse ќе добијат по една акција на UBS за секои 22,48 швајцарски акции, што е еквивалентно на 0,76 швајцарски франци по акција, соопшти UBS, пренесе „Ројтерс“.

Credit Suisse, втората по големина банка во Швајцарија, се соочува со криза на доверба и нејзините акции драстично паднаа во последните денови, што предизвика бран на пазарна вознемиреност, објави Би-Би-Си.

Проблемите во Credit Suisse, во комбинација со колапсот на две американски банки во последните две недели, фрлија сомнеж врз стабилноста на глобалниот финансиски систем.

Credit Suisse е една од 30-те банки во светот кои се сметаат за преголеми за да пропаднат бидејќи се од големо значење за банкарскиот систем.

Слични содржини