Црн чад, празни желби: Кардиналите продолжуваат да бараат водач на црквата

од Марта Пешевска
31 прегледи

На првиот ден од конклавата во Ватикан, околу 21 часот, од оџакот на Систинската капела се појави црн чад, што означи дека кардиналите не успеале да изберат нов папа во првиот круг на гласање. Според традицијата, ова сигнализира дека ниту еден кандидат не го добил потребното двотретинско мнозинство за избор на новиот поглавар на Католичката црква.

За да се избере нов папа, кандидатот мора да добие поддршка од најмалку 89 од 135-те кардинали-електори. Гласањето продолжува во следните неколку дена, со најмногу четири круга дневно – два наутро и два попладне – додека не се постигне потребното мнозинство. Црниот чад што се појавува од оџакот се создава со горење на гласачки ливчиња и додавање на специјални хемикалии кои произведуваат густ црн чад.

Оваа традиционална практика има за цел да ја извести јавноста дека изборот на нов папа не е завршен. Кардиналите денес беа собрани во Систинската капела, каде што по свечена поворка и молитвата „Вени Создател Дух“, положија заклетва за тајност. Откако церемонијалниот водач на конклавата ја изговори фразата „Екстра омнес“ (сите надвор), вратите на капелата беа затворени, а кардиналите го започнаа своето прво гласање.

Конклавата се очекува да трае неколку дена, бидејќи во моментов нема јасен фаворит меѓу кандидатите. Меѓу потенцијалните наследници на папата се италијанскиот кардинал Пјетро Паролин, Филипинецот Луис Антонио Тагле, Французинот Жан Марк Авелин, Унгарецот Петер Ердо, Американецот Роберт Превост и ерусалимскиот надбискуп Пјербатиста Пикабала. Многу од кардиналите-изборници беа назначени од папата Франциск, што ги зголемува шансите неговиот наследник да го продолжи реформскиот курс. Верниците кои се собраа на плоштадот „Свети Петар“ продолжуваат да го следат оџакот на Систинската капела, во исчекување на белиот чад кој ќе го означи изборот на новиот папа.

Слични содржини