Црвенковски со идеја како да се приближиме кон ЕУ: „Неговото задоцнето појавување е во насока на одработување за српските интереси во Македонија“

од Nikola Popovski
1,2K прегледи

Поранешниот претседател, Бранко Црвенковски после подолго време се појави во јавноста, давајќи свој предлог како нашата држава, но и останатите од Западен Балкан побрзо да се приближат кон Европска унија. Тој презентира иницијатива да се овозможи пристап до европскиот пазар и до европските фондови, како меѓучекор до полноправното членство во ЕУ. За да се избегне сомнеж, тој рече нема да биде алтернатива или замена за полноправно членство, туку напротив преодна фаза што ќе го олесни остварувањето на целта. Црвенковски побара да не се „става партиски печат“ на идејата, презентирајќи ги начините за постигнување на целта – користење на постојната Европска економска област или потпишување од страна на ЕУ нов специјален договор со сите земји од Западен Балкан, кој ќе овозможи учество на заедничкиот европски пазар и можноста за користење на европските фондови. Според него, придобивките би биле тоа што ЕУ ќе го зајакне својот кредибилитет и влијание во регионот и ќе ги елиминира сите опасности од неевропски и антиевропски влијанија, а земјите од регионот ќе ги подобрат своите економски показатели и ќе бидат подобро подготвени за полноправно членство.

Дел од експертската јавност не гледа со посебно внимание на овие негови ставови. Според политичкиот аналитичар, Благојче Атанасоски, иницијативата на Црвенковски е „колку нешто да се каже“.

Благојче Атанасоски

-Прво, смешно е вие од позиција на пензиониран политичар да давате иницијативи до телата на ЕУ, и да мислите со тоа дека сте фактор. Второ, таквиот приод е многу комплексен и зависи од согласноста на 27 те ЕУ земји членки. И трето, колку да е искрена таа иницијатива, тој нема никаква реална моќ, да може да издејствува да се променат работите во тој правец. Ова негово „задоцнето“ појавување со ваква критика е во насока на одработување за српските пробелградски интереси во Македонија, наспроти европските, така како што правел низ целиот период на неговата политичка кариера, смета Атанасоски во разговор за „Локално“.

Порачува дека Црвенковски не може да предложи ништо.

-Во моментот кога имаше историска можност Македонија да ја трансформира во модерна европска земја, подготвена да стане членка на ЕУ, тој од Македонија направи криминализирано Ел Дорадо за шака олигархиски магнати, ја претвори во колумбиски картел на Балканот. Така што подобро нека молчи, одошто да дава смешни предлог иницијативи, оценува соговорникот.

На ставот на поранешниот шеф на државата дека се нереални и преоптимистички очекувањата дека земјата може да стане членка на ЕУ во наредните 5 до 7 години, Атанасоски вели дека ноторен факт е дека ЕУ, по приемот на Хрватска во 2013, како последна примена земја членка на Унијата го изгуби ентузијазмот за проширување со преостанатите земји од Западен Балкан, и во таа насока, вистина е, потенцирај тој, дека прогнозите за наш прием до 2030 се преоптимистички и со тоа нереални, во состојба кога го немаме отворено ни првото поглавје.

-Сепак, поранешниот претседател и премиер во три мандати на Македонија, Бранко Црвенковски е последниот човек во оваа држава кој има легитимно, морално и било какво право да го каже тоа. Македонија е светлостни години наназад од ЕУ стандардите, благодарение најмногу и на него и неговото катастрофално владеење, истакнува политичкиот аналитичар.

Во однос на тоа дали иницијативата на Црвенковски се судира со „Отворен Балкан“, Атанасоски смета дека ЕУ патот е зацртан и треба да се исполнат Копенхагенските критериуми, за да се трансформира македонското општество, прифаќајки норми и закони на европско поведение.

-Платформата на „Отворен Балкан“ е во насока на олеснување на овој вид на европеизација на регионот. Не се исклучува едното со другото, напротив се надополнува со поддршката на високата американска дипломатија за пацифификација и европеизација на Западниот Балкан, анализира тој.

За поранешната пратеничка Никица Корубин, се чини дека единствено нереално во било кое, ретко обраќање, на поранешниот претседател и премиер на државата е очекувањето тој да даде јасна поддршка и порака на решавање на било кое стратешко прашање за Северна Македонија.

Никица Корубин

-Според тоа оптимистичко е да се очекува јасен или било каков став за европската иднина на државата од некој што бил на позиција да ги решава проблемите и отворените прашања, а тоа не го сторил. Ако ова го имаме во предвид, тогаш јасно е дека тој не зборува воопшто за целосна евроинтеграција на земјата, туку како таа да се спречи, со “илјада и една” итрина, вели Корубин за „Локално“.

Околу предлог-иницијативата, вели дека за некој кој не се изјаснува ниту за стратегијата за евроинтеграции на сопствената држава, чудна е грижата зошто тоа би го правел за други држави, кандидати или претенденти, на она што ЕУ го нарекува “Западен Балкан”, кој употребен во ваков контекст е јасна тенденциозна злоупотреба.

-Терминот “Западен Балкан” ЕУ го употребува, од нивна позиција за означување на преостанатите шест држави од регионот (Северна Македонија, Косово, Албанија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина) кои се’ уште не станале дел од ЕУ, а не како политички термин на “една целина”, која претпоставувам е во мислите на поранешниот претседател. Во таа насока, не е прашањето што другите прават за да се интегрираат во ЕУ, туку што ние правиме за самите себе, преку реална демократизација на целиот систем. Значи единствена стратегија е целосна интеграција во ЕУ, со исполнување на обврските, а не само со посегање по правата, порачува Корубин.

На прашањето дали дали е реално за земјите од регионот да прифатат и да усогласат ваква иницијатива за да настапат заеднички, поранешната пратеничка вели дека доаѓаме до истото прашање, кое тоа “заедништво” го споделуваат овие земји, кои се со различен статус и во однос на евроинтеграциите, но и во однос на политичката состојба, и зошто воопшто тоа се наметнува како тема.

-Тоа е всушност главната порака, која треба да биде испратена, да не ја перцепираме сопствената држава индивидуално, и на тој начин фокусот да не биде на неопходните реформи кај нас: функционални институции, исполнување на обврските кон ЕУ, добрососедски односи, борба против корупцијата. И како “бонус” да се “купи” уште некоја година, во нејасни, конфузни иницијативи за непроменливоста на оваа недовршена состојба, очигледно идеална за многумина, меѓу кои и самиот поранешен претседател и премиер: вечно да преговараме, а по можност никогаш да не бидеме дел од ЕУ. И тоа, на нивен трошок, односно со нивни пари. Значи привилегиите ги сакаме, ама обврските не? Крајно неодговорено и незрело поведение, смета таа.

Оценува дека и самата ЕУ мисли, која тоа јасно го усвои како став преку официјални документи, дека и „Отворен Балкан“ се судира со процесот на преговори со ЕУ и наше зачленување во ЕУ, а не па, како што вели, иницијативи кои се пласираат во јавноста, во точно определен тајминг, кога имаме само една приоритетна обврска за исполнување : промена на уставот за влез на Бугарите во преамбулата, за формален почеток на отварањето на поглавијата.

-Значи многу врева за да не се говори за суштината. На крајот, економски процес кој ги подготвува земјите од Западен Балкан, за членство во ЕУ е и Берлинскиот процес. Затоа, наместо јавноста да се оптеретува со “нови” идеи, подобро е да се каже јасно и гласно, кој е вистинскиот став за нашата иднина и нашето членство во ЕУ, со исполнување на обврските, а не само со барање права. Да бидеме конечно сериозни, бара Корубин.

Н.П.

Слични содржини