ЦУК: Поради засилен ветер пожар се шири кон повисоките делови на сртот кон Општина Долнени

од Radmila Tasevska
328 прегледи

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира за пожар којшто денеска попладне избувнал покрај железничката пруга кај местото Ореше, Општина Чашка, и којшто и покрај напорите за гаснење е сеуште критичен и доста активен, а поради засилениот ветер се шири кон повисоките делови на сртот кон Општина Долнени.

-Во 12:38 часот, во Центарот за управување со кризи, добиена е пријава за пожар на сува трева покрај железничката пруга кај м.в.Ореше, Општина Чашка. За кратко време, поради силен и променлив ветар, пожарот се прошири во дабовата и габеровата шума, помеѓу селата Ореше и Богомила.  Поради пожарот, до околу 17:00 часот, во прекин беше и железничкиот сообраќај. На интервенција на пожарот излегоа ЈП Национални шуми – подружница „Бабуна“ – Велес, како и лица од месно население, соопштуваат од ЦУК.

Како што наведуваат од ЦУК, поради брзото ширење на пожарот и неможноста да се стави под контрола од силите кои интервенирале, во 14:36 часот, подигнати во воздух како воздушна подршка на силите кои го гаснат пожарот од земја се трите ер-трактори на Дирекцијата за заштита и спасување и тие дејствувале два пати. Според известувањето од одговорното лице на терен, пожарот е сеуште критичен и доста активен, а  поради засилениот ветер се шири кон повисоките делови на сртот кон Општина Долнени, посочуваат од Центарот за управување со кризи.

Слични содржини