„Додека здравството тоне, нема лекови, луѓе умираат и се’ се распаѓа, Таравари се занимава со шиткање на бизнисот со паркингот на Клиничкиот центар. И тоа замислете, на контраверзна фирма „Ѓока Контракшн“ од Албанија која се поврзува и со сериозни скандали во соседната земја“, велат од СДСМ преку соопштение по објавите дека компанијата преку јавно-приватно партнерство ќе стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар.
Според партијата во опозиција, крајно сомнително е што фирмата била единстен понудувач на огласот.
-Тоа во старт е крајно сомнително. Дали дилот веќе бил направен пред да биде објавен огласот? Каков е договорот што го склучил Таравари преку јавно-приватно партнерство? Дали паркингот се доделува на оваа фирма на 20 години за само 1% да добива државата од вкупните приходи? Значи 99% од профитот за компанијата а само 1% од профитот за државата. Погубно, рече членката на ИО на СДСМ, Симона Цветаноски, додавајќи дека договорен само 1% профит за државата е крајно сомнително и отвора сомнежи за корупција.
Првиот човек во здравството денеска појасни дека процедурата е помината, но, треба да помине и одредени филтри кои што минуваат во Владата
-Јас не се разбирам од тоа и да ми дадете портфолио, не ме ни интересира, но не е за 20 години. По физибилитетот е предвидено да биде за 20 години, меѓутоа имаме одлука на Влада дека паркингот може да се користи додека Клиничкиот центар е тука. Лично мислам дека Клиничкиот нема да биде тука повеќе од 7-8 години.
Затоа интересот на компаниите беше мал. Да беше за 20 години, сигурно ќе се јавеа. Сега има уште одредени филтри, ако не помине, пак ќе го објавиме. Цените се 50 денари. Во „Рамстор“ е 60 денари. Тука имавме паркирање на возила, а после си одат во град. 50 денари е пристојна цена. Пред „Нова Македонија“ е 40 денари за граѓаните. 50 денари не е висока цена. Имајќи во предвид какви се цените, мислам дека не е лоша. Во Скопје има места каде што паркингот е 100-150 денари, рече министерот на денешната прес-конференција.
Според него, не постои понудувач кој што нема да наплаќа за паркинг.
-Не е ништо потпишано. Ако ете слушаме од јавноста дека не им се допаѓа, тука сум и да не го потпишам. На Клинички центар паркингот е голема нервоза. Секогаш ми значи од јавноста што ќе чујам. Ако не го потпишам, ќе го поништиме, ќе објавиме пак, само ќе изгубиме уште една година, додаде Таравари.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека Владата нема донесено таква одлука и не знам од каде е таа информација. Мицкоски посочи дека при изборот ќе се земат во предвид бонитетот и кредибилитетот на компанијата.
Рокот за изградба на монтажните катни гаражи доколку биде потпишан договорот, како што рече, најверојатно е шест месеци до една година. Владата на седница на 20 август минатата година донесе одлука да се градат монтажни катни гаражи на Клинички центар со јавно-приватно партнерство и формираше Комисија за спроведување на постапката. Со паркингот на Клиничкиот центар моментно стопанисува ЈП „Градски паркинг“ – Скопје.