Во гостувањето во емисијата Вин-Вин, Цветковиќ истакна дека конкретната кандидатка не ја гледа како проблем сама по себе, туку како симптом на „целосно обесмислување на институциите“.
„Парадоксално е што имаме Собрание кое го донело Законот за спречување и заштита од дискриминација, каде јасно се утврдени критериумите за членство во Комисијата, а истото тоа Собрание ги прекршува сопствените законски одредби. Токму тоа е суштината на проблемот“, нагласи таа.
Според Цветковиќ, особено значајно е прашањето поврзано со образованието на кандидатите, имајќи предвид дека Комисијата неодамна давала мислења за конкретни законски решенија.
„Не е клучно дали кандидатката ги знае сите детали од одреден правен акт. Многу поважно е зошто имаме институции што потпишуваат и ратификуваат меѓународни документи во кои, очигледно, не веруваат“, заклучи Цветковиќ.