Цвијетиќ: Металургијата живее и прогресира, никогаш не можеме со сигурност да кажеме дека сѐ е откриено истражено и испитано

од Vladimir Zorba
606 прегледи

Металургијата е значајна стопанска гранка, која постојано се истражува, се развиваат нови материјали, нови технологии, кои наоѓаат широка примена во современата индустрија, но и во практичниот живот. Никогаш не можеме со сигурност да кажеме дека сѐ е откриено, истражено и испитано. Во светот, во истражувачките центри постојано се појавуваат нови пронајдоци и излегуваат нови заклучоци, кои потоа веднаш наоѓаат примена во фабриките за подобрување на процесите при производство на челикот, вели Жарко Цвијетиќ, дипломиран металуршки инженер по екстрактивна металургија и Одговорен инженер на Електро печка со Филтерска постројка во Макстил АД Скопје.

Работите во една од најмоќните индустрии и во една од најголемите металуршки компании, Макстил, на позиција металуршки инженер по екстрактивна металургија. Што точно опфаќа вашата работа и што е тоа екстрактивна металургија?

-Работа како одговорен инженер во една од најмоќните и воедно најголемата металуршка компанија во Македонија е лична сатисфакција и професионален успех, но секако и големата одговорност. Металургијата како процес има суштинско значење во различни индустрии. Оттаму произлегува и комплексноста на овој процес што опфаќа различни сегменти и фази и во секој од нив бара добра организација, знаење, посветеност и одговорност, и тоа со целата сериозност на секоја етапа. Со екстрактивна металургија сите метали кои ги има природата, а најчесто се во облик којшто не е погоден за употреба, се претвораат во метали во употреблив облик, ослободен од соединенија, сулфиди, оксиди, карбонати. Затоа овој процес во Макстил се одвива во неколку фази, а започнува со добра селекција и подготовка на нашата главна суровина за производство на челик – старо железо. По селекцијата, електро-лачната печка се полни со старото железо каде започнува топењето на суровината (старото железо) се до добивање на течен челик и негово рафинирање. Во електро-лачната печка течниот челик достигнува температура повисока од 1600 степени Целзиусови. Екстрактивната металургија завршува со последната фаза односно излив на течниот челик.

Што е потребно за да се совладаат својствата на металите и тоа да се примени во производна индустрија?

-Да се совладаат својствата на металите е како да се навлезе во тајните на внатрешноста на земјата и сето она што се одвива длабоко под површината. Станува збор за сложени процеси, кои се одвиваат во навистина специфични услови и кои бараат напредни знаења и голема експертиза. И тука, барем во моето образование пресудна беше улогата и посветеноста на професорскиот кадар од Технолошко металуршкиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје и нивната несебичност при пренесувањето на знаењето. Учењето, посебно од професори од овој калибар, со бројни трудови на темата, со искуство и знаење што постојано се надградува и проширува и најмногу со несебична желба да се пренесе ова знаење, е единствениот начин да се совладаат својствата на металите, а потоа истото да се примени во процесите при секојдневното работење.

Колку металургијата е привлечна за изучување, што е тоа што вас ве привлече на овој отсек на Технолошко-металуршкиот факултет?

-Металургијата е значајна стопанска гранка, која постојано се истражува, се развиваат нови материјали, нови технологии, кои наоѓаат широка примена во современата индустрија, но и во практичниот живот. Никогаш не можеме со сигурност да кажеме дека сѐ е откриено, истражено и испитано. Во светот, во истражувачките центри постојано се појавуваат нови пронајдоци и излегуваат нови заклучоци, кои потоа веднаш наоѓаат примена во фабриките за подобрување на процесите при производство на челикот. За нас, како инженери, голем предизвик е запознавање со сите тие новитети, изучување на истите и нивна примена кај нас во процесот. Лично мене, кон изучување и впуштање во ова поле ме привлече токму мистичноста на процесот, од рециклирачко старо железо или железна руда да се добие нешто корисно и функционално. Повеќеслојноста на овој процес беше дополнителен поттик да започнам со образованието, кое ќе ми ги открие сите тајни, но и ќе ми ги отвори вратите на компании каде може да го постигнам саканиот професионален развој.

Како се одвиваше вашиот едукативно професионален пат, од студент до вработен во Макстил? Дали факултетското образование ви ја овозможи комплетната едукација или за оваа позиција без потребни дополнителни обуки?

-Можам да кажам дека едукацијата на факултетот ми беше, но и сѐ уште ми е од голема корист, затоа што освен тоа што се стекнав со знаење, научив, да го поврзувам тоа знаење и да го применам во практичната работа во погонот. Сметам дека, на тој начин, практично се затвора кругот на осознавање на целокупната проблематика. Како што кажав, металургијата и обработката на металите е поле што постојано се открива и секојдневно се надградува, а за да се совладаат овие новооткриените својства и карактеристики не е доволно само знаење на формули и дефиниции, туку и знаење што ќе ве натера вие да создадете нова формула и процес на обработка. Учењето и професорскиот кадар на ТМФ несомнено го будат тоа кај секој студент. Сепак, дополнителните обуки, тренинзи и семинари се секогаш добредојдени за нас инженерите и се од голема важност и корист, како за наш напредок, така и за збогатување на нашето знаење.

Дали од денешен аспект, кога сте на ваква позиција во ваква компанија би смениле нешто во вашиот избор на образование и професија?

-Образованието е клучната алка за понатамошниот професионален развој на еден човек. Целокупното знаење стекнато на факултет мене лично ми беше од голема корист за мојот професионален развој. Дали би менувал нешто, секако дека не.

Редакција Локално