Година дена по првиот случај на КОВИД-19 во Македонија бележиме повторно пораст на случаи во она што сѐ повеќе наликува на трет бран. Во изминативе 10 дена, репродуктивниот број на SARS-CoV-2 е константно над 1, што треба многу сериозно да се земе и од здравствените власти и од народот, пишува на својот Фејсбук профил д-р Харис Бабачиќ, м-р по епидемиологија и докторант при Каролинска Институтот, во Стокхолм, Шведска.
-Македонија има изгубено многу луѓе во оваа пандемија. Државниот Завод за Статистика денеска ги објави податоците за бројот на умрени во 2020-та, врз основа на кои можеме да процениме колку сме имале прекумерна смртност во изминатава година, споредбено со очекуваната смртност, базирано на модел на смртност од 2010-та до 2019-та.
Иако процените на регистрираните смртни случаи од КОВИД-19 во декември се совпаѓаат со очекувањата, за жал, процените за прекумерна смртност во декември беа оптимистични. Иако очекувавме тешко сценарио со најголема смртност во декември, сепак ова ги надминува сите очекувања, двојно повеќе.
Според овој едноставен модел, изминатава година сме изгубиле околу 4.500 луѓе повеќе одошто би умреле да не сме имале пандемија со SARS-CoV-2. Со други зборови, доколку 20.539 луѓе би починале во 2020-та доколку сме немале пандемија, минатата година починале 25.049 луѓе.
Од тие, само околу 55% сме регистрирале како смрт од КОВИД-19. Останува да утврдиме колкумина од преостанатите 45% биле всушност нерегистрирани КОВИД-19 смртни случаи а колкумина починале од други дијагнози ради несоодветен или ненавремен третман ради пандемијата.
Тешко е да се прифати ова. Поразително е, но мора да продолжиме понатаму. И мора да ги заштитиме преостанатите животи, напиша Бабачиќ.