Д-р Беќаровски: Дежурствата се претворија во арена на исфрустрирани мангупи кои се закануваат

од Nikola Popovski
573 прегледи

Поранешниот директор на Клиниката за Токсикологија, д-р Нико Беќаровски вечерва објави со што сѐ се соочуваат докторите за време на едно дежурство и какво тип на пациенти среќаат во клиниките.

-Повеќе од 30.000 наши граѓани од целата Република во изминатите години биле прегледани од мене во доцните ноќни саати, кога очните капаци сами и неволно ги покриваат очите, а мозокот се труди и покрај заморот да ја постави точната дијагноза и соодветниот третман. До пред 15-тина години ова саможртвување на “ноќните вампири” со бел мантил колку толку се почитуваше и во ноќните часови се одеше на преглед од крајна нужда и со должен респект кон вработените. Секој звук од сирената на Брза Помош или ѕвонење на влезната врата, беше аларм за целата дежурна екипа дека следува уште една борба за спасување на нечиј живот, вели Беќаровски.

Тој жали што секоја година и секој нов ден дежурствата, посебно во ургентните одделенија, „се претворија во арена на исфрустрирани насилници, “мангупи” кои сакаат да го “изиграат” мој термин и пациенти чиј главен симптом е “знаеш ли кој сум јас”,”сега ќе свртам кај Министерот” и “од утре леташ од работа”“.

-Пцуењата на сите членови на нашите фамилии, заканите по живот итн. за жал станаа нашето “ноќно освежување”. Трагично и крајно загрижувачки е што 99% од овие “полноќни каубои” се млади лица, родени и едуцирани во македонската демократија. Почитувани мои, еден од основните закони во природата е законот на акција и реакција. Агресијата секогаш создава одбојност, одбојноста недоверба, а ДОВЕРБАТА е основната карика во односот доктор-пациент. Во вакви нездрави односи,”најмудро” е “паметниот да му попушти на будалиот” и токму затоа белите мантили одлетуваат во поцивилизирани средини, стои во објавата на д-р Беќаровски, додавајќи:

-Да не се чудите како е можно да пушат цигара во болничка соба СО КИСЛОРОД. Каубојците и со чизми во кревет спијат.

Слични содржини