Д-р Беќаровски: Ме фаќа страв на каква услуга ќе наидам во Клиничкиот центар

„Може да замислите кој сѐ се вработувал со партиски врски“, рече д-р Беќаровски на панел на „Солуција“ за партиските вработувања

од Nikola Popovski
4 прегледи Фото: Солуција

Партизацијата тотално го деградираше квалитетот на јавното здравство и затоа се итно потребни системски промени за коишто мора посилно да притискаат сите засегнати страни, особено граѓанскиот сектор – беше главната порака од панел-дискусијата што ја организираше вчера Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“.

„Со жалење можам да кажам дека последниот фер конкурс за вработувања во јавното здравство е одржан веројатно во 1991 година, значи кога Македонија стануваше самостојна држава. Потоа следат речиси 35 години на партиско мешање при вработувањата на лекари и друг медицински персонал што доведе до катастрофално влошување на квалитетот на здравствените услуги. Трагично е што во 2025 година во било која развиена држава да отидам, ќе најдам свои студенти кои биле меѓу најсолидните во својата генерација, а кога ќе тропнам на вратите на Клиничкиот центар во Скопје искрено ме фаќа страв на каква услуга ќе наидам, затоа што може да замислите кој сѐ се вработувал со партиски врски.“, истакна проф. д-р Нико Беќаровски од Универзитетската клиника за токсикологија, инаку познат гласен говорник за аномалиите во јавното здравство.

„Солуција“, преку Граѓанската сила „Замисли“ и заедно со Македонското здружение на млади правници, Клубот на млади лекари и Асоцијацијата на специјализанти  и млади лекари бараат укинување на дискреционото право на директорите на јавните здравствени установи при вработувањата.