Д-р Беќаровски навести заминување од Клиниката за токсикологија

од Nikola Popovski
287 прегледи

Докторот од Клиниката за токсикологија, Нико Беќаровски навести дека си заминува од државното здравство. Така барем може да се протолкува неговата објава на социјалните мрежи. Беќаровски порача дека е време на приватните клиники да се отвори Одделение за детоксикација и Клиничка токсикологија.

„35 години бев најголем борец за здрав ЈАВЕН ЗДРАВСТВЕН СЕКТОР. ДОН КИХОТ конечно го напушта оклопот. Време е во некоја од приватните болници да се отвори Одделение за детоксикација и клиничка токсикологија. Бројот на консументи на психоактивни супстанции секојдневно расте.“ напиша тој на Фејсбук.

Ова следува по превирањата на Клиниката за токсикологија откако вработените изнесоа серија обвинувања за организациската директорка Бесија Иљази, за која тврдат дека донела дезорганизација на Клиниката. Иљази покрај тоа што за два месеци раководење го зголемила долгот на клиниката за два милиони денари, не доаѓала на работа. Ова се само дел од низата обвинувања од страна на вработени во Клиниката.

Вчера Беќаровски придружуван од други лекари, соопшти дека најголем проблем со кој во моментов се соочува институцијата е функционирањето на лабораторијата.

„Секој кој малку разбира токсикологија, знае дека токсиколошка клиника без токсиколошка лабораторија не може да функционира. Во моментов таму функционира само еден лаборант, а за минимум да работи оваа лабораторија, потребни се барем двајца дипломирани биолози и уште еден техничар со средна медицинска спрема“, појасни тој на прес-конференција. Лекарите алармираа за хаосот што се случува на Клиниката, особено, како што велат, откако била назначена економската директорка.

Тој се пожали на отпор и несоработка од страна на Иљази. Беќаровски тврди дека во неколку наврати било барано да се вработат двајца лаборанти и еден болничар, но директорката инсистирала да се вработат 18 лица кои претходно биле примени со договор на дело, а на кои им истекле договорите.

Министерот за здравство, пак, Илир Демири, рече дека немал замерки, ниту имало пропусти за работењето на директорката и најави разрешување на медицинскиот директор д-р Данил Петровски.

Во однос на информациите дека организациската директорка доаѓала на работното место само по четири часа, Демири најави дека инспекциските служби ќе треба да го утврдат тоа и рече дека доколку е вистина ќе ја разреши Иљази.

Директорката на вчерашната прес-конференција одбила да се обрати на македонски јазик, по што новинарите ја напуштиле средбата.

Слични содржини