Докторот Нико Беќаровски вели дека во својата долгогодишна професија, никогаш не сретнал колега од здравството кој намерно повредил пациент, а уште помалку недолжно дете. Ова следува откако во јавноста беше обелоденет случајот со модриците на тримесечното бебе од Клиниката за детски болести. Тој исто така побара да се донесе и Закон за правата и заштитата на здравствените работници.
-Ако навистина има таков монструм во нашите редови, најстрого да се казни, но ако ова е само уште една политичка пресметка за создавање непотребни меѓуетнички тензии, нарачателите јавно да се жигосаат. Денес „жртва“ е медицинска сестра на Педијатрија, но утре може да биде секој од нас, стои меѓу другото во објавата на докторот.
Беќаровски во последниот период беше актуелен преку борбата против партиски вработувања на Клиниката за токсикологија, каде што еден период и самиот беше директор.
Околу случајот со бебето, според изјавите на семејството, што беа презентирани во јавноста, по вербален конфликт, поради тоа што мајката не знаела да зборува добро македонски, следувало намерна повреда на детето од медицинската сестра, при интервенција земање крв.
Министерот за здравство Арбен Таравари на социјалните мрежи напиша дека доколку се потврдат наводите на блиските на бебето, медицинската сестра ќе биде соодветно санкционирана.