Д-р Бошковски донираше крвна плазма за да спаси пациент заразен со Ковид 19

од Берта Китинска

Доктор Мирослав Бошковски претседател на ОО Куманово на Лекарската Комора на РСМ, донираше крвна плазма за да спаси човечки живот.

„Бев меѓу првите заразени здравствени работници од Куманово. Прележав Ковид19 со средно тешка клиничка слика, но не беше ни најмалку наивна состојбата, 17 дена бев хоспитализиран на инфективното одделение во ОБ Куманово“, вели  Бошковски.

Тој вели дека штом поминал задолжителниот период од оздравувањето се пријавил во регистарот за донирање рековалесцентна плазма.

„Штом помина минималниот задолжителен период од оздравувањето се пријавив во регистарот за донирање рековалесцентна плазма, пред околу 10 дена, но не беа сите анализи завршени за да можам веднаш да донирам..Активен член сум на Лекарската комора, на почетокот на месецот организиравме крводарителска акција помеѓу докторите која за жал, моравме да ја одложиме поради наглиот скок на новозаболени од Ковид19. Знаејќи дека сум крвна група Б+ и оздравен од Ковид19, претседателката на комората д-р Старделова ми го испрати апелот за донирање плазма кој се ширел неколку часа по социјалните мрежи. Веднаш почнавме да се јавуваме на сите назначени телефони и стапив во контакт со семејството на пациентот и д-р Грубовиќ од Институтот за Трансфузиологија и веднаш се започна со правење на сите анализи кои недостигаа. Утрово веќе беше издвоена крвна плазма и се надевам дека веќе е доставена во ГОБ “8ми септември”, вели Бошковски.

Тој уште еднаш упати апел до своите колеги и сите граѓани кои прележале Ковид-19 веднаш по истекот на минималниот период од оздравувањето да се пријават за донирање, особено поради фактот што тоа е периодот кога заштитните антитела имаат највисок титар.

Слични содржини