Епидемиологот д-р Драган Даниловски побара од градските власти да ја променат стратегијата во однос на прскањето против комарци. Според него, авионското прскање против комарци не е ефикасно.
-Авиодезинсекцијата треба да се укине затоа што ги уништува само оние комарци кои во моментот се во воздух. А, знаеме, постојат и ларви… Таа треба да се применува само во ненаселени подрачја или при елементарни непогоди.
Во населените места е потребна дезинсекција со прскање од земја. Значи, треба да се смени стратегијата. Освен тоа, од суштествена важност е да се организира јавна едукативна кампања, за граѓаните да внимаваат да немаат застојана вода во својата околина, особено оние што имаат дворови. За лична заштита, треба да се користат репелентни средства.
На прагот сме на летото и на интензивна активност на тигрестите комарци. Иако е малку веројатно да пренесат егзотични болести (види погоре) кај нас, сепак, реално, ќе предизвикуваат тешки непријатности, заради целодневното агресивно касање, стои меѓу другото во објавата на Фејсбук на Даниловски.
Градот Скопје ги известува граѓаните дека на денес и утре (среда и четврток), во раните утрински часови ќе се реализира втората фаза од авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје против возрасни форми на комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин.
Се известуваат пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.