Д-р Јовев не заминува од Кардиохирургија: Грев е да ја затвориме и растуриме Клиниката

од Nikola Popovski
541 прегледи

Не знам што се случува и не знам што би стоело позади сето ова. Верувам дека ова е грешка на министерот или недоразбирање. Тој треба да ми каже, ако треба ќе се извинам, но ништо крупно сигурно нема. Целата грешка може да се поправи, изјави утрово разрешениот директор на Клиниката за кардиохирургија, д-р Сашко Јовев за неговиот случај кој ја бранува јавноста веќе трет ден.

Што се однесува до дежурствата, вели тој, сите директори дежураат, особено кај него, кога има млад и спремен тим.

-Јас сум 24/7 таму и работам постојано. Една операција ми трае и по 6 часа, а на операција не спијам нели, оперирам. Мојата фамилија ја жртвувам за обврските на работа. Мислам дека изјавата на министерот излета, не верувам дека е злонамерно кажано. Едноставно се чудам и се сомневам дека нешто поголемо стои, иако не сакам да верувам во тоа, рече Јовев во емисијата „Утрински брифинг“.

Тој напомена дека останува на Клиниката.

-Нема да се спакувам и да си заминам. Ако јас си одам од Клиниката, ќе дојде и целиот тим со мене. Грев е да ја растуриме и затвориме Кардиохирургија. После вчерашниот прес добив уште поголема поддршка и од партијата СДСМ, чие што место е ова директорско место. Од друга страна имам поддршка и од сите колеги од ДУИ. Јас тука влегувам како професионалец, како човек што си ја сака земјата и пациентите, потенцира д-р Јовев.

Оценува дека е колатерална штета во случајот, а дека целиот народ е позади него.

-Жал ми е да бидам тоа, но најверојатно така испаѓа, укажа Јовев.

На прашањето што понатаму, со оглед на тоа дека ја нема потпишана оставката, докторот вели дека не може да претпостави што ќе се случи. Информира дека има поголем адвокатски тим.

-Не сакам со сила да тужам. Навреден сум, но сепак сум интелектуалец и верен граѓанин на државата. Адвокатскиот тим ќе почека. Пратат се и ќе видиме. Засега ништо не би правел, обелодени Јовев.

Слични содржини