Портпаролот на Комисијата за заразни болести д-р Злате Мехмедовиќ денеска информира дека се следи ситуацијата со бројот на новозаразени со Ковид-19, но дека засега не се предвидени некакви нови мерки за справување.
Тој истакна дека во моментов актуелни се мерките за носење маска во јавен превоз, аптеки, здравствени установи и старечките домови и домови за лица со попреченост.
-КЗБ во изминатиот период најави дека мерките што ќе се носат, а ќе бидат во насока на превенција и ќе бидат согласно параметрите што ги следиме од Центарот за контрола за болести, а тоа не е само бројката на новозаразени, туку се и болничките капацитети, односно исполнетоста на болниците, како и бројот на починати што се регистрираат согласно дневните Ковиц статистики, вели Мехмедовиќ во изјава за МИА.
Во споредба со вчера расте бројот на новозаразени. Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа, направени се 1.129 тестови, а регистрирани се нови 355 случаи на КОВИД-19. Од вкупниот број на позитивни, регистрирани се 89 реинфекции.
Пријавено е едно починато лице од Скопје (75г), починат во болнички услови. Согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза КОВИД-19 од Мој Термин регистрирано е едно починато лице од Струга (78г), починат во домашни услови на ден 30.06.2022.