Во моментов имаме исклучително поволна епидемиолошка состојба во Македонија, и она што е уште позначајно е дека таквата стабилна состојба е карактеристична за целиот Балкански регион. Бројот на идентификувани делта варијанти во регионот е исклучително ниска, но „раздвиженоста“ во периодот на летни одмори може нагло да ја промени состојбата, вели за „Локално“, доктор Злате Мехмедовиќ од Здравствен дом – Скопје, кој беше дел од тимот на лекари од ковид-одделението на Клиниката за неврологија.
Според проценките бројот на новозаразени од делта варијантата се дуплира на секои 4 до 11 дена, Мехмедовиќ објаснува дека на Балканот каде има околу 55 милиони жители ескалирањето на состојбата би можело да се случи во период од неколку недели доколку внимателно не се следи состојбата и не се превземе навремени и соодветни превентивни мерки.
Заразените со делта сојот во период од 4 дена развиваат тешка форма на болеста
-Разликата на делта во однос на алфа варијантата освен во поголемата преносливост е и во клиничката презентација. Листата на симптоми е следната(по редослед на зачестеност): главоболка, болно грло(и локално отечени лимфни јазли), течење на носот, температура, кашлица и многу поретко се јавува губење на сетилата за мирис и вкус. Околу 12% од пациентите заразени со делта варијантата во период од 3 до 4 дена развиваат тешка или критична форма на болеста, споредено со алфа варијантата кај која за истиот период 6% развиваат тешка форма на болеста. Тоа би значело дека бројот на хоспитализациите при евентуален бран со делта варијантата би бил удвоен,објаснува докторот.
Мехмедовиќ вели дека оваа варијантата на ковид 19 е значително попренослива од другите видови.
-Делта варијантата која првично е откриена во Индија сега забрзано се шири низ целиот свет, станувајќи доминантна во некои земји, како што е Велика Британија(94% од сите нови случаи на Ковид), и веројатно е прашање на време кога ќе стане доминатна и во другите земји каде што е детектирана. Пред 5 дена, Светската здравствена организација соопшти дека варијантата е откриена во повеќе од 80 земји и таа продолжува да мутира и да се шири. Студиите од земјите кои се сериозно засегнати од ширењето на делта покажаа дека варијантата е значително попренослива од другите варијанти. Само во период на изминатата недела, бројот на нови случаи со ковид(доминантна делта варијанта)во Велика Британија се зголеми за 243%, вели тој.
Масовните собири на мал простор причина за полесно пренесување
-Според новото истражување на Институтот за јавно здравје на Англија варијантата делта е поврзана со 64% поголем ризик од пренесување во затворен простор во споредба со алфа(британската)варијантата, и е за 40% попренослива на отворено. Доколку го земеме во предвид ова истражување можеме да заклучиме дека масовните собири и останатите настани каде што има голема фрекфенција на луѓе на мал простор ќе бидат причина за полесно пренесување на делта варијантата на вирусот, објаснува Мехмедовиќ.
Делта варијантата би можела да биде реалност во втората половина на месец август
Докторот напоменува дека вирусот се уште да се менува,а неговото мутирање е една од основните негови карактеристики.
-Тоа е нешто што не можеме да го спречиме се додека постои пренесување на вирусот од човек на човек. Но, можеме да ја спречиме пандемијата преку процесот на вакцинацијата. Во зависност од ефикасноста на вакцините кои се користат во процесот на имунизација најмалата бројка која треба да ја постигнеме на целосно вакцинирано население е 70%(за одредени вакцини со пониска ефикасност и над 70%). Затоа мораме да го интензивираме темпото на вакцинација додека имаме поволна епидемиолошка состојба. Вакцините се се уште високо ефикасни против делта варијантата по примени две дози, ефикасноста на вакцината „Фајзер“ е 88%, а на „Астра-Зенека“ околу 60%. На тој начин, со масовно вакцинирање и со внимателно следење на состојбата во регионот можеме да го избегнеме евентуалниот бран со делта варијантата на вирусот кој би можел да биде реалност во втората половина на месец август или евентуално во септември, вели тој.
Б.М.