Д-р Митрев разочаран од ЗНМ: Награда добива сторија на ИРЛ каде вината не е докажана

од Vladimir Zorba
158 прегледи

„Би сакал на почеток да ја истакнам мојата поддршка за истражувачкото новинарство што како Здружение на новинари го промовирате. Се надевам дека ќе успеете да ги одржите високите стандарди на известување во медиумите со подигнувањето на нивото на етика и одговорност на сите чинители во јавниот живот“, пишува во своето обраќање до медиумите Д-р Жан Митрев.

„Вчера со разочарување ја прочитав веста за доделената награда на ИРЛ за сторијата којашто се однесува на мене лично и мојата клиника. Може да кажам дека не очекував да добие награда сторија каде вината не е докажана и каде очигледно со ваквите постапки сум осуден и пред да заврши судењето. Јас како човек сум сигурен во една работа, дека немам вина во целиот инсцениран случај и затоа се борам да ја докажам вистината и се обратив и на Вас лично да ми помогнете во таа борба. Моето барање беше едноставно, да ги заштитите вашите колеги кои се на линч од нивните колеги поради обидите да ја престават мојата страна на приказната. Тогаш се сеќавам дека ми се обративте дека треба да се објаснам со ИРЛ околу целиот случај. Јас премногу ја ценам вашата професија и сметам дека како претседател на здружението имате обврска кон вашите колеги, но секако и кон јавноста. А јавноста има право да ги знае двете страни од приказната.

Не сакам да навлегувам во причините за тоа зошто токму сторијата на ИРЛ добила награда каде се прикажани самодвајца од над 1000 пациенти кои беа во КОВИД одделот, не сакам да навлегувам во семејни врски, туку само побарав од Вас став дека никој новинар не смее да биде попречуван во својата намера да објави некаква информација. Најмалку тој треба да биде попречуван од свои колеги, што беше случај во минатото. Очигледно моето барање не е научна фантастика, туку е изразување на поддршка на секој новинар што сака да објави некоја сторија.

Јас не сум човек што затвора врати, јас сум човек што ја отвори вратата на Клиниката да помогне на илјадници луѓе. Јас не сум човек што е конфликтен, туку сум емотивен човек што вложил многу во Клиниката и сум основоположник на приватното здравство во Македонија. Никој од нас не е совршен, но никој од нас не треба да осудува друг. Јас знам дека во случајов немам што да кријам, затоа што не сум направил никаков криминал, никаква злоупотреба, но времето ќе покаже и тоа секогаш покажува кој бил на страната на вистината, а кој на страната на интригите“, додава тој во своето обраќање.

Слични содржини